Дојдоа на власт со националистичка и патриотска реторика, а сега заминуваат оставајќи зад себе економски кризи и коруптивни/криминални афери. Ваквите „резултати“ на десничарите на Западен Балкан помогнаа во речиси сите земји во регионот да се засили левицата, пишува ЦИВИЛ Медиа.
Хрватска – нова левичарска надеж
Најсвеж пример за тоа е Хрватска. Иако далеку од големи коруптивни и криминални скандали, Хрватска се соочуваше со економски проблеми, а во последно време и со недостиг на демократијата. Ова се цени и како главна причина за падот на десничарската, сега веќе бивша, претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и победата на левицата со Андреј Пленковиќ, на последните претседателски избори.
Хрватска последните две сезони забележи и пад на туризмот. Исто така, иако веќе долги години е земја членка на ЕУ, земјата се соочува со засилена миграција на младите во другите европски земји.
Албанија – нагло паѓање на десницата
Токму кога изгледаше дека го постигнал зенитот, долгогодишниот лидер на десницата во Албанија, Сали Бериша изгуби, изненадувајќи ја целата меѓународна јавност.
Пред осум години, Бериша влезе во кампања со проектот „Државјанство за секој Албанец каде и да живее“, автопатот „Патот на нацијата“, како и голем број изградени автопати во внатрешноста на земјата.
Но од опозицијата и граѓанскиот сектор, а неретко и од меѓународната заедница, имаше забелешки дека зад сите „патриотски проекти“ се крие криминал и злоупотреба на власта, парите и моќта.
Бериша се појавуваше со реторика за заштита на Албанците надвор од границите на Албанија, но опозицијата го обвинуваше дека ги убива Албанците внатре во земјата, алудирајќи на трите жртви во текот на масовниот протест на тогашната опозиција.
На вторите парламентарни избори, кога демократите ги водеше официјално Лулзим Баша (а во сенка пак стоеше Бериша), Социјалистичката Партија на премиерот Еди Рама доби 70 пратеници и успеа сам да формира влада.
Грција – Лицемерието на десницата очигледна од првиот ден
Грчката десница во Грција успеа да го искористи Преспанскиот договор за да го врати гласачкото тело на свој терен и да ја победи Сириза на Алексис Ципрас на последните парламентарни избори.
Но од првите денови, граѓаните на Грција се чувствуваа манипулирани и измамени, бидејќи по добивањето на мандатот, Нова Демократија на Мицотакис ја смени реториката и одлучи да го почитува долго очекуваниот договор меѓу Северна Македонија и Грција. Што, на некој начин, претставува морална победа на левицата предводена од Алексис Ципрас.
Косово – Курти, сам против сите
Последната владина коалиција беше составена од партии кои доаѓаат и од левицата и од десницата, но сите партии носеа патриотски „багаж“. Демократската Партија на Косово предводена од раководството на поранешната ОВК, како најголема партија, иако се смета за левичарска партија, секогаш се повикува на патриотизмот. Тие, заедно со „Нисма“ имаа најмногу пратеници во Собранието на Косово.
Но премиерската функција ја доби Рамуш Харадинај, претседател на Алијансата за иднината на Косово, десничарска партија, исто така, составена од поранешни команданти на ОВК. Харадинај во текот на неговиот мандат стана познат по 100% царинскиот данок за производите од Србија, како одговор на чекорите на српската дипломатија против меѓународното признавање на независноста на Косово. Исто така, Харадинај остро се спротивстави на планот на претседателот Хашим Тачи познат како „Разграничување“, што се толкуваше како проект за размена на територии со Србија.
Харадинај на крајот на мандатот доби покана од Специјалниот меѓународен суд за воени злосторства, по што даде оставка, покажувајќи дека не сака да му се суди додека е на премиерска функција и со тоа да не ја засрами татковината. Тоа беа неколкуте „патриотски“ акти на Харадинај, но наспроти сето тоа, над главата му висеа и низа скандали за злоупотреба на власта.
Ниту една од неговите патриотски постапки не успеа да го ублажи револтот поради одлуката за покачување на неговите лични примања, како и платите на владините функционери. Неговата влада беше со најголем број министри, заменици министри и вицепремиери. Исто така, за време на неговото владеење, кон неговата партија и кон Демократската партија на Хашим Тачи, беше вперен прстот поради криминалот и корупцијата во институциите на земјата.
Ова беше и главниот столб на кампањата на левичарскиот лидер на „Самоопределување“, Албин Курти. Тој, иако сам против сите партии и коалиции со долгогодишни искуства во владеење, успеа да победи на парламентарните избори, а гласовите ги доби токму од надежта на граѓаните за борба против корупцијата и криминалот.
Македонскиот демократски модел – пример за целиот Западен Балкан
Во нашата земја се измешаа сите негативни феномени од земјите на Западен Балкан. ВМРО-ДПМНЕ, партија која владееше од 2006 до 2016 година, се соочи со најголемиот скандал на прислушкување на илјадници граѓани, а во содржините на прислушуваните разговори се открија и големи коруптивни и криминални активности на функционерите на оваа партија. Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се карактеризираше и со економска криза. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, голем број граѓани ја напуштија земјата во потрага по подобар живот, а има сомневања и за многу монтирани судски процеси.
Поради корупцијата, изборните кражби, грабежите, насилството, накратко, поради тоа што ја заробија државата, тие ја изгубија власта во 2016 година. Владината коалиција предводена од СДСМ за кратко време беше препознаена од целата прогресивна и демократска меѓународна јавност и беше посочена како балкански пример за демократска трансформација, добрососедство и промени кон подобро.
Во пресрет на предвремените парламентарни избори, македонската десница, сепак, реши го следи патот на грчката десница. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во низа јавни настапи даде изјави дека нема да го почитува Преспанскиот договор доколку дојдат на власт, слично како сестринската партија Неа Демократија. Оваа партија го карактеризира и бегството на нивниот довчерашен лидер, Никола Груевски, кој самиот себеси, со мултимилионските медиумски кампањи, се промовираше како голем патриот и националист.
извор: ЦИВИЛ Медиа