29.07.2022 година
Како работи одвратниот Московски пропаганден цинизам?
Уморен сум од овој медиумски деспотизам, уморен сум од овој секојдневен линч. Не затоа што немам снага или храброст да им се спротивставам на разни мамлази, лажни авторитети со нивните одвратни коњуктури кои се посредувани, имам снага, а имам и храброст, само поточно речено, уморен сум од сеопштото просташтво.
Од друга страна, има луѓе кои се борат земјата да продолжи напред, да продолжи на Европскиот пат. Таквите луѓе ги засакуваш во нивната нежна и зрела фаза во борбата за вистинскиот поредок на работите. A тој поредок би требало да биде демократски, човечки и со силен сензибилитет за малцинските човекови права.
Таквите луѓе ти олеснуваат некои „голтки на слобода“, и заради тоа им остануваш вечно благодарен, ама кон понатамошно созревање бараш од себе најмногу, а помалку од другите.
Со овие зборови го започнувам овој текст, само како во вовед во денешната тема на која ќе ѝ дадеме наслов: „Како работи цинизмот на истокот“ (не треба да потсетувам дека во цинизмот лежи сета пропаганда на таквиот до злабога одвратен свет.)
Прво, ред е да потсетиме како работи „источниот цинизам“, односно како работи руската пропаганда.
Константно омаловажување на сѐ што доаѓа од Запад: политичарите („сите до еден се корумпирани и неспособни“), што се однесува до моралот („само блудничење и декаденција“), а демократијата („лицемерие од ‘нати го дајми го’“); човековите права („глoбален ерес, ‘педерчење’, педерско лоби и сл.); меѓународниот правен поредок („фикција за империјална превласт на САД“).
Другата парадигма на „источниот цинизам“ како вовед во руска пропаганда е растечка опасност од тероризам предизвикан од „западната лажна толерантност“ и масовниот прилив на мигранти која „таквата политика ги поттикнува“.
Третата парадигма на руската пропаганда е зближување на Европјаните и Русите заради нивните таканаречени интереси, а на „терен“, главен објект кон кого се насочени е САД. За сите негативни појави во современиот свет, како што е на пример исламскиот тероризам, војната во Украина или светската економска криза – за тоа постои само еден виновник а тоа е САД. САД за Руската пропаганда е виновен за сѐ.
Mосква води црно-бел свет во својата пропаганда: од една страна се западните злосторници и масоните кои позади кулисите го движат светот, а од друга страна се наоѓа Путин. Демек Путин сам му се спротивставува на целиот свет, поточно Путин сам ѝ се спротивставува на САД, во манирот на Астерикс кој и се спротивставува на Римската империја. Ваквата упростена, типизирана слика од популарниот стрип има многу следбеници само заради социјалните медиуми.
Вака работат главните пропагандни алатки на одвратниот руски цинизам на Кремљ, од една страна раководството на чело со Путин може да прави во Русија што ќе посака, а од друга страна, со овие пропагандни алатки прави спин за да го пренасочи „глобалното око“ од себе и го обвини САД за сѐ што прави во Украина. А прави незамисливо злосторство.
Неконтролираната политичка моќ на Кремљ, која своите носители на пропаганда ги штити од сите правни консеквенци за тоа што го прават, ќе се покаже како лажна заштита. Оттука, може да извлечеме две противречни поуки.
Неконтролираната моќ, знаеме од историјата, како онаа кон внатре и онаа кон надвор, ќе биде кобна и по самиот наредбодавец. А другите ќе заклучат дека на безобзирна сила возвраќаш со иста таква безобзирност, нарочито ако при рака ти стојат многу сретства од таква врста, а нема никој во близина што може да те запре.
Кога ќе се присетам на онаа слика која циркулираше на интернет, состанокот меѓу Путин и Макрон, се добива впечаток дека рускиот Цар е поприлично одметнат и од самите дворјани (читај, раководството на Кремљ). На што ја темелам оваа констатација? Па, на моето голо око: Путин од по одамна е сам, нема никој во негова близина. Тоа може да се тумачи и како „патологија на лична власт“.
Неодамна, поточно пре некои два месеци, Путин направи Уставен маневар кој му овозможува да остане на власт преку сите лимити кои важат за демократски, па дури и за привидно демократски режими.
Ако сега се прашува некој, зошто му е потребно тоа, знаејќи дека преку две децении е de facto неограничен владетел, самиот Путин немал дилеми: трајна полиса за неприфаќање на одговорност за сето злосторство кое го направил, прво во својата земја Русија, а потоа и злосторството кое го направи и сѐ уште го прави во Украина.
Путин сега разбира, и понатаму го подига влогот, сметајќи дека секогаш ќе може да оди чекор понатаму со бестијална сила внатре и надвор од земјата, ама и со нихилистичка решеност да ја употреби, без разлика на последиците: денес по народот на Украина, ама и Русија, утре по Европа и целиот свет.
Уште од Наполеоновото време беше јасно: луѓе кои се заболени од грандоманија, луѓе кои се заболени од делузии на величина, замислуваат дека се Наполеони.
Дај боже да ја промени својата фиксација, па целиот бес и бестијална сила ја насочи кон себе. Па да продишеме, и тој од себе и ние од него.
27.07.2022 година
Мицкоски идентитетот го користи како обид за окупација, а земјата ја гледа како апартхејд
Денес ќе ја третираме темата за „мицковиот патриотизам“ сфатен ужасно клаустрофобично. За почеток, вреди да се потенцира: ВМРО-ДПМНЕ е партија која по секоја цена бара власт.
И наместо да биде државотворна партија која ќе се обидува да создава политика која ќе ја дефинира Македонија не како монолитна заедница само на Македонци, туку ќе креира политика на повеќеслојно општество во идентитетска смисла, па дури и ако сакате, ќе се залага многу повеќе за толеранција и дијалог, а не да се претставува како „слепо“ галениче кое треба да биде дел од едно малцинство кое мора да биде секогаш на власт, таа се претставува како вистинска вазалска партија на туѓи центри на моќ. Дали е тоа Орбан или Русија, јас не знам. Ама државотворна партија сигурно не е.
И ова го велам ако ВМРО-ДПМНЕ сака да води политика на исправен начин. Затоа што Македонското општество ниту може, а ниту смее да биде монолитен едноидентитетски организам.
Секоја култура, па така и Македонската, многу тешко функционира како монолит или како еден идентитет. Затоа што Македонската култура е повеќеидентитетска, Македонската култура е композитна, шаренолика, и во себе многу различна, ама и контрадикторна. Но, сепак, тоа е во природата и на самата култура. Во таа смисла, Македонската култура не е нешто оригинално и необично, а не е ниту „вештачка“ или „неприродна“, како што денес некои зовриени глави сакаат да ја претстават.
Македонија, денес, во културна смисла е таква какви што културите впрочем и се. Но, да не навлегувам во преголеми (пара)филозофски разглабања, да објаснам за што всушност станува збор.
На Мицковци намачкани им се гаќите, ете затоа ова го прават. Затоа што не се тоа чисти работи, ако ме разбирате што сакам да кажам. Ама и затоа што, од премногу занесување дека ВМРО-ДПМНЕ е „државотворна“ и „реформска“ партија. Па, дали Мицковата партија е тоа? Јок, море! Еве зошто мислам дека ВМРО-ДПМНЕ, како впрочем и во времето на Груевски, е далеку од реформска партија, барем во овој момент. Повторно ќе мора малку да (пара)филозофираме.
Да се биде патриот не е ништо лошо, а богами ниту срамно. Тоа е едно чувство на припаѓање и еден темел на општествена кохезија. Но, проблемот со македонскиот идентитет е кога таквиот идентитет се претвора во идеологија.
Идеолошкиот патриотизам Мицкоски го користи во оној момент кога партијата ја фаќаат во некоја партикуларна свинштина, најчесто криминална, зулум, блокада која штети на граѓаните, повреда на службено лице, you name it, oдносно кога лидерот ќе влезе во сферата на помрачување од лични желби и лични страсти заради недостаток на вредности.
Сакам да кажам, откако ќе се направат свинштините, лидерот свесен за нив, повторно ќе прави компромиси заради „изгубеното единство“. Од друга страна, партикуларизацијата на патриотизмот, како оној „заеднички“ и оној „општ“ од страна на поединци и групи, наместо посакуваната европска интеграција (под услов да биде посакувана) создава дополнителен раскол и ги убрзува процесите на општествено – и следствено на тоа – го убрзува државно распаѓање.
Реков и погоре, коалицирање од чист и прагматичен интерес, или тоа што го нарекуваме „идеолошки патриотизам“, во својот потенцијал има сила да ја разори земјата. Затоа што неговата сила е преголема и не може да реши ниту една практична работа.
Освен во вонредни состојби (војна, природни катастрофи); за реформа, за решавање на проблеми од сферата на подобрување на животот на граѓаните, тука апсолутно Мицкоски е немоќен. Немоќен е затоа што апсолутизираниот патриотизам сè порамнува и сè оправдува.
И само во таква атмосфера возможно е симбиоза измеѓу комунистички комесари, „важни“ демократи, најобични криминалци, ловци во матно кои, потоа, ќе се обидат да воспостават контрола над целокупниот политички, стопански и културен простор.
Освен што идеолошкиот патриотизам е синоним за ендорасизам, другиот синоним за патриотизам е ендоокупација.
Погледајте ги, на пример, коалициите кои Мицкоски ги направи со Албанците, а потоа тие му избегаа, мислам на Таравари, Села и Гаши од партијата АА, и ќе ви стане појасно што „писателот“ сака да каже.
На крајот, дозволете да заклучиме. Ако сакаме Европска држава, СДСМ мора силно и бескомпромисно да продолжи со евроинтеграциите, а тоа што попат ќе врескаат разни пропалици и криминалци, тоа е неважно. Во спротивно, ако ја претворат земјата во апартхејд на неколку „патриотски“ поглавици, дури тогаш нема да остане ништо од идентитетот, јазикот и посебноста. Размислете добро што ви велам.
26.07.2022 година
Облекувам анонимна маска и плукам бескрајно
Линчувачка толпа не прави разлика помеѓу говор на омраза и дозволено слободно изразување, кое, нели, може да опфати и доза на претерување и провокација. Понекогаш, дури, може да предизвика и гадење, притоа, во текстовите никогаш не се занимавам со луѓе, туку се занимавам со феномени. А каде ќе најдеш поголеми феномени од луѓето како такви?
Линчувачка толпа не разбира дека колумна (читај, столб/рубрика за личен и авторски текст) е место за полемика, место за соочување. Ако колумната не предизвикува полемика, ако авторскиот текст не комуницира со другите луѓе откако ќе се објави, на авторот не му преостанува ништо друго освен да ги закачи копачките на закачалка и се обиде во друга професија.
Затоа и не секој може да зборува во јавност, затоа и луѓето пред микрофони и камери пелтечат: „дечко, кај ме најде, не сум ја од тука“; или „бегај, бегај, немам време“, или „не знам што да ви кажам“, а има и такви луѓе кои пред камера и микрофон можат да ви го „свирнат“ воведниот „риф“ на Џими Пејџ со песната „Whole Lotta Love“.
Линчувачка топла нема појма кој е Орвел и што тој чичко пишувал, ама се промени малкуцка контекстот, па ете, сите денес сакаат да имаат мислење за тој фикционален тип со тоа негово фамозно име и презиме „Ненад Јовановиќ“. Прво, согласен е и авторот, тоа презиме звучи сомнително, па дури и тоа име; ако го повикаме на име „Ненад“, и тоа е сомнително, ќе излезе дека сме блиски, интимни со него, ќе се почувствува некаква епистоларност; а од друга страна, не е само тој Ненад, има многу „ненадовци“; ако, на пример, го повикаме само „Јовановиќ“, тоа има некоја сомнителна дистанца, ама сепак, не знаеме за кого зборуваме бидејќи ги има еден куп со тоа презиме. Е, ако го напишеме целото име и презиме, па на тоа додадеме: лижач, пушач, „чоколадни бакнежи“, „неџо“, „предавник“, „шпиун“, „некој кој не е наш“ и слични квалификации кои не „радуваат за туѓата неволја“, тогаш веднаш знаеме за кого станува збор.
Интернетот ги доведува луѓето во бескраен карневал: сите носат маски, сите се заштитени со маски, на секој можете сè да му речете, а тоа да нe се одрази на неговиот социјален статус, односно тоа да не предизвика проблем со неговите социјални контакти. Што не е случај со луѓето кои излегуваат со цело име и презиме, а притоа зборуваат јасно и гласно. Односно зборуваат онака како што знаат и умеат. А тоа, драги мои, чини. Чини сè во животот, ама заради тоа, анонимната линчувачка толпа нема појма. И навечер мирно спие откако претходно повратила на нечиј авторски текст со конкретно име и презиме.
Оти, знаете и сами, луѓето сешто пишуваат. Го сакаат луѓето тоа, и откако има свет и век: ако не знаеш кој што ти рекол, многумина гадости ќе ти кажат. Сите стално носат маски и зборуваат сè: заштитени со маска, ќе те исплукаат и навредат, а таквото поведение нив нема ништо да ги чини, ниту ќе си наштетат на својот социјален статус. Понекогаш некој јавно ќе го жигосаат, на некому ќе му ја извадат маската и таквиот ќе биде јавно понижен. Што би значело уште и јавно запалување на срамната личност, чин кој на крајот завршува во карневал. А знаеме, интернет-карневалот никогаш не завршува.
Во западните цивилизирани земји, таквиот говор не се толерира, од проста причина што не е дел од јавниот интерес. Ете, ние денес не гледаме ништо лошо во јавното палење на луѓето, а богами ниту некој се обидува овие работи да ги регулира. Овде мутаво ти велат, небаре имаат објаснување: брате, тоа е јавниот живот, ти си како јавно автобуско ве-це, секој може да те ислука, да ти поврати…
Во есејот „Идентитет без личност“, Георгио Агамбен дава краток историјат на развојот и примената на атропометарските техники. Во втората половина од 19 век, европските општества, не потсетува Агамбен, беа опседнати со фигурата „рецидивен престапник“, оној кој повеќе од еднаш го прекршил законот. Таквата личност пожелно е да се идентификува.
Малиот чиновник во париската префектура по име Алфонсо Бертилон во седумдесетите години од 19. век развива систем на идентификација на престапници засновани на атропометриски податоци и сигналетичка фотографија. Таквиот систем, под името „bertillonage“, набрзо ќе го прифатат многу држави од целиот свет. „Сите кои од некоја причина биле притворени или затворени, веднаш се ставени да им се измери скелетот, прстите, ушите и лицата. Потоа се фотографирани „en face“ и од профилите, откако двете фотографии се лепат на „Бертилиониот картон“, картон кој ги содржи сите потребни податоци за идентификација…“, пишува Агамбен.
Недолго потоа, Дарвиновиот роднина со име Франсис Галтон, пронајде начин луѓето да ги идентификува со помош на отисоци на прсти. Чекор по чекор, од отисоци на прсти стигнавме до биометриски пасоши и лични карти. Таквите работи денес ни го олеснуваат патувањето и ни овозможуваат парични трансакции.
Вистинскиот проблем со интернет-анонимноста не е, имено, говорот на омраза, туку фактот дека луѓето се обидуваат да креираат свои маски, се обидуваат да го стимулираат општествениот живот така што ќе креираат маска со која никој нема да ги види. Се обидуваат да заборават дека постои некој кој гледа сè што тие прават.
Ненад Јовановиќ