Министерството за животна средина и просторно планирање донесе шест законски акти во сферата на управување со отпадот, кои добија поддршка од мнозинството пратеници во Парламентот и со нив воведуваме нов процес за циркуларна економија или искористување на отпадот како суровина, истакна заменик-миистерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска на денешната панел дискусијата на тема „Отпад, регулација на отпад, состојби и решенија“, организирана од ЦИВИЛ во рамки на проектот „Зелена читанка“, во соработка со фондацијата „Хајнрих Бел“, пренесува МИА.
– Се работи за пет регионални депонии затоа што за североисточниот и источниот регион веќе сме во некоја понапредна фаза, таму се обезбедени средства од ИПА-2 програмата. За овој заем се работи за изградба на регионални депонии југоисточниот, југозападниот регион, во пелагонискиот, вардарскиот регион и во полошкиот регион, истакна Оџаклиеска.
Таа изрази надеш дека ќе добијат поддршка од општините, затоа што, како што нагласи, мора да има блиска соработка помеѓу централната и локалната власт во однос на изградбата на регионалните депонии.
На панел дискусијата учествуваа и Георги Клинчаревски и Анета Минчева, од Одделението за заштита на животна средина во Шуто Оризари.
Минчева информираше дека согласно планот за управување со отпад советот на општина Шуто Оризари по предлог на градоначалникот има донесене програма за управување со отпад.
– Околу 9.500 тони се работи за комунален отпад. Највисок процент тука е биоразградливиот отпад или органскиот отпад кој е некаде над 65 проценти, додека отпадот од хартија, картон и пластика веќе се на второ и трето место, истакна Минчева.
Клинчаревски рече дека ситуацијата во општина Шуто Оризари не е проблем со малите депонии, општината во соработка со комуналните камиони ги расчистува тие депонии меѓутоа нема каде да ги одлага.
– Најголем проблем е интегрираниот отпад. Не само во општината туку на ниво на целата република тоа е најголем проблем, посочи Клинчаревски.