На 68 првачиња, кои годинава ќе го започнат своето школување во беровските училишта, денеска им се исплатени по 5.000 денари, како поддршка од локалната самоуправа за купување на школски прибор, и други потребни работи за почетокот на учебната година, објави градоначалникот на Берово Звонко Пекевски..
Тој истакнува дека Општина Берово ја реализира ова мерка, како дел од Програмата за социјална заштита за 2022 година, при што секое прваче и за секој ученик во прва година средно образование, годинава ќе добијат по 5.000, 00 денари.
„На почетокот на учебната година, секогаш трошоците на родителите се големи и од тие причини одлучивме континуирано средствата да ги зголемуваме. Се надевам дека овие средства ќе бидат добредојдени во престојниот период и ќе бидат искористиени првачињата да добијат се што им е потребно и да бидат среќни. Општина Берово секогаш ќе се залага за подобрување на условите за учење за учениците и ќе направиме се што е во наша надлежност за подобри услови за настава“, вели Пекевски.
Тој истакнува дека за реализација на оваа активност, преку програмата за социјална заштита, од Буџетот на општина Берово за 2022 година, исплатени се вкупно 340.000 денари.
Ј. Ѓ.