Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Прва работа што американскиот полицаец мора да му ја каже на осомничениот што го приведува е: Имаш право да молчиш, се што ќе кажеш може да се користи против тебе.
Ние не сме Америка, но, сепак, сакам да прашам зошто тој елементарен правен совет никој не му го кажал на Трифун. И уште нешто: Како успева така упорно и со страст да изнесува во јавноста само и исклучиво работи кои ја обременуваат неговата позиција во случајот со Еуростандард банка.
Зошто се однесува како тапан кој се буши со иглите на своите изјави, колумни и прес конференции?
На моменти ми се чини дека и формирањето на банката и оваа финале во кое тој се обидува со градењето на слика за себе како жртва да ја фрли во сенка штетата што ја доживеаја штедачите, а од системот кој функционира да направи рентиран атентатор на сопствените потфати, е филмско сценарио кое се пишува во живо. Заплетот ќе биде кога ќе се отвори дилемата дали тој со инфантилноста што секојдневно ја надоградува сака да предизвика морално будење и симпатии кај јавноста, односно по таа линија да стигне до некаков спас или сака пред сопствениот пораз на јавноста да ѝ ја понуди својата борба на која ќе ги налепи нејзините симпатии, а ќе го компромитира системот кој ете, гони еден добротвор, хуманист, бизнисмен…
Мислам дека и колумните за своите доживувања од детството и младоста, за кумот кој колел дива свиња со шрафцигер и слични безначајности, со кои го обременува концептот на Либертас и го тероризира јавниот простор, можеби ги работи со идеја да предизвика позитивни емоции за себе на некаква општочовечка основа. Но и така да е и да не е така, тие писанија се сериозна потврда за тоа дека тој нема свест за сериозноста на својата позиција, односно за реалноста во која се наоѓа.
Кога ќе дојде ред да се снима филмот предлагам Трифуна да го игра Дастин Хофман, Леонардо ди Каприо или Роберт де Ниро, а режијата да биде на Скорцезе или Бентон.
До тогаш јас му порачувам да најде добри адвокати и да се посвети на подготовката на својата одбрана.
И да ќути.
Текстот е личен став на Авторот.