МВР информира дека вчера, во 13.00 часот, во село Ваксинце, општина Липково, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот го лишиле од слобода М.Б.(34) од Велес. Во возилото „крајслер“ со штипски регистарски, кое тој го управувал, биле пронајдени 16 лица мигранти од Сирија, од кои тројца малолетници.
Претходно, на автопатот „Пријателство“, кај село Костурник, тој не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници и припадници на АРСМ и продолжил кон село Ваксинце.
Во селото тој изгубил контрола и удрил во брег до патот, по што се дал во бегство, но набргу бил фатен и лишен од слобода. Притоа, при излетувањето на возилото од патот, четири лица мигранти се здобиле со повреди и им била укажана лекарска помош во болницата во Куманово. Со повреда, исто така, се здобил и припадник на АРСМ при преземање мерки, по што и на него му била укажана помош во болницата во Куманово, соопштуваат од МВР.
Мигрантите биле пренесени во Транзитниот центар во Табановце, а М.Б. бил приведен во полициска станица.
По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од МВР.