Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Новинар: „Нашата мисија е да развиваме демократска дебата меѓу различни ставови и мислења. Сметаме дека и оние со кои може и да не се согласуваме во ставовите, можат да придонесат во оваа дебата.“
Ова не се зборови од само еден новинар. Многу пати го имаме ова слушнато или прочитано по ослободувањето на зборот во 2017-та. Позитивно гледајќи, ова се зборови на универзална непристрасност, очигледно сфатена како доблест, цивилизираност, врвен морал, огледало на бесконечна либералност, еднаквост, инклузивност, вредност за стремење за здраво општество. И големо чувство на вина за евентуална пристрасност.
Од каде, тогаш, незадоволството од гостите во студиото или авторот во пишаниот медиум од страна на либерално ориентираната јавност? Треба ли таквата јавност, тогаш, да се засрами од сопствената гадливост кон „аналитичарите“ во чии зборови не гледа вредности, туку дури и антивредности? Или да се срами, можеби, дека ги предава токму своите високи цивилизациски идеали бидејќи размислува тесно или недоследно под ad hominem аргументи? Дека, заради тоа, кај неа е половина од одговорноста за „поларизацијата” во општеството?
Не. Еве од каде доаѓа тоа незадоволство: Универзалната непристрасност значи толкава неселективност кон содржината на текстот/говорот, што ја поништува самата непристрасност како морална вредност!
Имено, може ли да биде еден човек неселективен кон содржина која е невистина (или друга неморалност) и така да си се смета за доблесно непристрасен? Па, токму неселективноста кон невистината, (дискриминациите, неинклузивноста итн.) е буквално недоблесна, неморална! Непристрасноста изедначена со еднаквоста, а со тоа, инсистирање на рамноправната застапеност на зборот, не е никаква цивилизациска вредност, ниту моралност. Тоа е најблиску до индиферентно, студено фрлање паричка: ½ за вистината, ½ за лагата. Погодете кој победува, ако знаеме дека нема градации на вистината. Или ½ за конструктивност, ½ за деструктивност. Гради-руши. Или ½ за инклузија и ½ за дискриминација. Одлично за дискриминацијата! Каква иронија: Мотивот за непристрасноста оригинално бил токму покажување на висока моралност, цивилизираност, етика…
Значи, универзалната непристрасност е сам свој парадокс и со тоа, не само што не произведува вредност, туку и го разболува општеството. Кваката е, јасно, кај моралноста, повисокото цивилизациско ниво. Мора да се тргне од моралноста, повисокото цивилизациско ниво, навистина, но не да ги изедначуваме со универзалната непристрасност, бидејќи тоа значи директна индиферентност кон моралните, цивилизациски вредности. И не да се изедначува со еднаквост, бидејќи еднаквоста мора да биде мериторна. На пример, еднаквоста со која се дава награда и на натпросечниот, и на забушантот, воопшто не е еднаквост во доблесната, морална смисла.
Така, непристрасноста, како морална вредност, не може да биде сеопштата, универзалната непристрасност. Непристрасноста е единствено доблест само ако е ограничена. Ограничувањето е во однос на повисоките цивилизациски вредности. Непристрасноста вреди само во група која почитува морални вредности, а специјално, новинарот треба да ја ограничи непристрасноста токму со пристрасност кон гости/автори чија содржина ги почитува моралните вредности (особено вистината). Да, пристрасноста кон цивилизираноста е доблест, а не е непристрасноста кон неа. Пристрасноста кон моралноста и цивилизираноста всушност била оригиналната мотивација на новинарот за, парадоксално, да се заложи за универзална непристрасност! Таа која се реализира како индиферентност кон моралните вредности и ги остава говорот на омраза, лагата, ирационалноста и деструктивноста да бидат „став” еднаков на рационалниот, конструктивен, логичен и вистинит став!
Со таква немериторна еднаквост не може да има дебата, дури и смешно-тажно е да се бара „демократска дебата“ бидејќи демократијата е убедување со аргументи. Како ќе ја убедиш лагата да биде вистина? Како ќе ја убедиш ирационалноста да биде рационална? Дискриминацијата да стане инклузија?! Како ќе ја убедиш деструктивноста да биде конструктивна, па тоа значи бараш да се уништи самата – дури и таа си ги почитува ограничувањата!
Границите на пристрасноста и непристрасноста ги сочувуваат и двете во дефиниран облик на доблести и го градат интегритетот на индивидуите и на групите коишто имаат искрена почит кон цивилизираните, моралните вредности, а со тоа и на општеството. Пристрасноста доблесно се реализира како преданост, борба за зачувување на вредности, лојалност кон цивилизирани принципи, грижа за блиските, и други такви елементи на интегритетот на една индивидуа или група.
Недефинираноста на границите на непристрасноста води во недефинираност и на границите на пристрасноста (и обратно). Така, двете го губат обликот и затоа постојано ги гледаме антивредностите – конфликт на интереси и дискриминација.
На пример, често гледаме разни видови немериторен фаворитизам или непризнавање на мериторноста, обично вид на дискриминација (пристрасноста се проширила каде што не ѝ е место). Но има и појави како „позитивна дискриминација“ или дури и „негативна фаворизација“ – се отфрла најстручниот, на пример, бидејќи е роднина/пријател/член на група… (непристрасноста се проширила каде што не ѝ е место). Во сите овие губитоци на интегритетот на пристрасноста и непристрасноста е изгубен интегритетот на индивидуите и на крајот, на државата.
Се разбира, негативно гледајќи, има и „новинари“ кои, всушност, сакаат да им дадат збор во етерот на содржини полни со невистина, дискриминација, ирационалност, под маска на непристрасност. На пример, содржини со неинклузија на дел од народ.
Гадливоста на моралната, цивилизирана публика е провоцирана и од титулата „аналитичар“. Намерно стојат наводници и еднакво би требало и за рубриките „анализа”, бидејќи аналитичкото новинарство подразбира многу ригорозни методи за обработка на стриктни факти за да се формира солидна информација, знаење кое држи вода. Нема потреба да се нагласува дека солидната информација е воздух и вода не само за правилен развој на општеството, државата и фунционалноста на системот, туку буквално може да нѐ чини и самиот опстанок. Наводниците се таму бидејќи, очигледно, „анализите“ кај нас се реализација на пропагандна аналитика (најчесто анти- и не- цивилизирани), а не се продукт на аналитичко новинарство.
Мислење формирано со примена на аналитичко новинарство по структура (не тематски, се разбира) повеќе би наликувало на научна статија од компјутерски науки, економија, логика итн. Или, пак, на ТВ, разговор со Нил де Грас Тајсон, а не да наликува на пропагандните муабети на нашите поголеми ТВ медиуми и портали. Тогаш, не може да споменуваме термин „поларизација“, како нешто негативно во општеството, па да апелираме кон помирување (или обединување). Таман работа да се помириме сите во мочуриште од индиферентност кон сѐ! Таа „поларизација“ што се констатира е активно дистанцирање на цивилизираната јавност од невистинити, ирационални, деструктивни, нецивилизирани содржини и таа, не само што е половина одговорна за „поларизацијата”, таа е целосно одговорна за тоа, бидејќи таа е конструктивно активна во својата повисока цивилизираност, како имун систем на општеството! Знаеме дека ниското цивилизациско ниво нема особини како „помирување“, што значи дека апелот е целосно упатен кон конструктивните, да се помират со содржини за снижување на цивилизациското ниво!
Така, таа бесконечна непристрасност во етерот заедно (!) со намерната неетичност, се претвораат во орудие на конверзија на вистинските вредности во своите спротивности, а со тоа, до неодложна деструкција на системот.
Вклучувањето на зборот „поларизација“ во негативна смисла е апел за разоружување на пропонентите за цивилизациски, човечки вредности. Но смислата на цивилизираноста е да ја совлада нецивилизираноста, а не да се помирува со неа.
Нема лесна алатка за новинарот, мора да ги дефинира границите на својата непристрасност, содржина по содржина. Не смее да има автоматски пилот и копче „ајде да бидеме непристрасни универзално“. Ќе се помачи и ќе одлучи мериторно, применувајќи човечки вредности на човечки вредности, а не да ги фрла своите човечки вредности на туѓи ниски пориви.
Текстот е личен став на Авторката. Сите права се задржани.