Посветено работиме на ублажување на последиците од енергетската криза. Креираме амбиент за граѓаните и деловната заедница да може да постават најбрзо, наједноставно и по најповолни услови фотонапонски електроцентрали за производство на струја, истакна во објава на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.
Тој информира дека на денешната Владина седница поминаа измените и дополнувањата на Законот за градење кои ќе бидат доставени во собраниска процедура.
„Процедурата која денес е усвоена на Влада предвидува фотонапонските електроцентрали да може да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост до 6 киловати и од страна на правни лица до 40 киловати“, истакна Ковачевски
Нагласи дека се поедноставуваат процедурите и клучно е што на граѓаните нема да им биде потребно решение од општината за поставување на фотонапонските централи.
Со ова излегуваме во пресрет и на бизнис секторот и на граѓаните, а помагаме на домашниот електроенергетски сектор, потенцира Ковачевски.
Премиерот апелира сите пратеници проактивно да се вклучат во носење на измените во Законот за градење за да се помогне на граѓаните.
На денешната седница Владата ги усвои измените и дополнувањата на Законот за градење со кои се овозможува на објектите во индивидуална сопственост да бидат поставени фотонапонски електрани со моќност од 6 киловати и на стопанските објекти со моќ до 40 киловати по поедноставени процедури.
Поврзано
Најавени поедноставени процедури за поставување фотонапонски централи