Активистката за женски права, Калија Димитрова е гостинка во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, која говори за аферата „Јавна соба“, која го отвори прашањето колку е феминизмот потребен во вакви социјално општествени услови, каде што на површина излегуваат прашањата дека жените се всушност секогаш жртви.
-Мислам дека е важно оваа тема околу групата „Јавна соба“ да се разгледува од феминистичка перспектива. Во многуте дебати што се случуваа, изоставуваше јасно да се именува дека ова е проблем на родово – базирано насилство. Мислам дека тоа е многу важно да биде идентификувано како такво- вели во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, Калија Димитрова, актистка за женски права.
Генерално, жените се жртви на сексистички напади но и на семејно насилство.
Во речиси 90 проценти од сите пријавени случаи на семејно насилство жртвите биле жени, објави лани во ноември Хелсиншкиот комитет.
Заклучно со септември 2019 година, во Северна Македонија биле пријавени 709 случаи на семејно насилство, од нив, 610 жртви биле жени. И во светски рамки, бројките се поразителни- секоја трета жена била жртва на некаква форма на насилство во домот.
Од Хелсиншки предупредуваат дека само два отсто од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер го пријавиле тоа во полиција, па оттука, бројката на жртви веројатно е далеку поголема.
Истражување на ОБСЕ покажува дека постои и загрижувачки тренд на прифаќање на насилството во Северна Македонија. Според ова истражување, секоја шеста жена смета дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.