И двајцата сакаме да го промовираме пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, порача германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес конференција во Атина со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, веднаш по нивната средба, јави дописничката на МИА од Атина.
Проширувањето на Европската Унија беше една од темите за кои разговарале германскиот канцелар и грчкиот премиер, прашање за кое самиот Шолц рече дека е особено важно за него, а била спомената, како европската перспектива на Украина и Грузија, така и на земјите од регионот.
-Исто така разговаравме и ова е многу важно за мене, разговаравме и за проширувањето на Европската Унија, за интегративната перспектива на Украина и Грузија, но главно е прашањето за земјите од Западен Балкан. Перспектива што се отвори пред 20 години и тоа во Солун, кога им рековме на овие земји дека може да станат членки на ЕУ. И двајцата особено се обврзуваме и сакаме да го промовираме пристапниот процес на овие земји, рече Шолц.
Следната седмица, на 3 ноември во Берлин ќе се одржи Самитот за Западен Балкан, домаќин ќе биде токму германскиот канцелар Шолц, а ќе присуствува и грчкиот премиер.

На денешната заедничката прес-конференција Мицотакис и Шолц се осврнаа на низа теми како што е војната во Украина, енергетската криза, односите на Грција со Турција итн.
Грчкиот премиер истакна дека на Шолц му го повторил она што многупати го има кажано дека „навистина е жално, Ердоган да не гледа дека чекори кон ќор сокак, кога го труе неговиот народ со лаги за Грција, бидејќи сите знаат дека грчките острови на никој не му се закануваат“ и додаде дека разликите треба мирно да се решаваат.
Германскиот канцелар рече дека добрососедските односи со Турција се во интерес на сите, порача дека сите проблеми можат да се решат врз основа на дијалогот, а одговарајќи на новинарско прашање изрази поддршка за Грција.
– Не е прифатливо земји членки на Алијансата да го оспоруваат суверенитетот на други земји. И целосно го поддржуваме и се согласуваме со овој став, порача Шолц.
Сакам да го изразам моето задоволство за многу јасната позиција на канцеларот Шолц дека не може да се замисли оспорување на националниот суверенитет на европска земја, членка на НАТО, особено од друга членка на НАТО, истакна Мицотакис.

За енергетиката, двајцата посочија дека е потребно надлежните министри да постигнат договор, откако добија зелено светло на Самитот минатата седмица.
Говорејќи за руската инвазија во Украина, Шолц истакна дека и Германија и Грција се целосно согласни дека „во раце на Русија е да ја заврши неоправданата агресивна војна и да ја повлече војската“ и изрази благодарност што заедно можат да ја опремат украинската војска со оклопни возила.
На крајот на мај Мицотакис и Шолц се договорија Грција да ги испрати во Украина старите оклопни борбени возила ΒΜΡ-1 со германско потекло и да бидат заменети со 40 тенкови Мардер што Берлин ќе ѝ ги отстапи на Атина и првите оклопи возила веќе пристигнаа во Грција, а одговарајќи на новинарско прашање каде ќе бидат распоредени тенковите, германскиот канцелар посочи дека тие не прашуваат што прави Грција со нив, додека пак грчкиот премиер откри дека ќе одат на Еврос, „бидејќи таму армијата смета дека ќе бидат покорисни“.
Грчкиот премиер го покрена и прашањето за воените репарации од Германија, кое како што рече, за Атина останува отворено.
Пред средбата, грчкиот премиер и германскиот канцелар рано утрово го посетија Акропол.
Шолц пристигна синоќа во работна посета на Атина, директно од Париз каде што се сретна со претседателот на Франција Емануел Макрон.





