На 29 октомври (сабота), со почеток од 12 часот во Музејот на современа уметност – Скопје, ќе се одржи Промоцијата на публикацијата „ЗБОРУВА АКТО! 2006-2020“. Промотори: Елизабета Шелева, Владимир Јанчевски, Биљана Тануровска – Ќулавковски.
Публикацијата „ЗБОРУВА АКТО! 2006-2020“ не е конечната архива за АКТО. Не е конечен поглед на АКТО. Оваа публикација е една архива што очигледно недостига на сцената, не само на фестивалот туку и на сите општествено-политички случувања во изминатиов период. Таа е еден поглед, особено детален и сериозен, но и еден дискурзивен поглед што треба да отвори ново поле за различни дискусии. Оваа публикација е визуелен, личен и политички есеј за тоа што е АКТО, како и за условите во кои е создаван АКТО. Како некој документ/ артефакт што треба да потсетува на значењето на архивирањето, што ќе го закопаме во дворот на Офицерскиот дом и по некое време ќе го најде некој што ќе ископува кога повторно ќе се реновира овој објект. Имаме впечаток дека темите што ги отвори АКТО изминативе 15 години можат да се обработуваат уште една декада одново. Од друга страна, кризата со корона-пандемијата ни отвори можност да се занимаваме само со архивирање, нешто за кое никогаш немавме ниту средства, ниту, пак, време, се вели во дописот за промоцијата на публикацијата.
Во склоп на промоцијата ќе се проследи и визуелна и аудио инсталација „Хусински рудар (моето минато е ваша иднина)“ со Бранко Шимиќ.
Настанот ќе продолжи во 21 часот во Макка бар, со настап во живо на Марија Каева, Димитра па Мирко Попов Quartet.
Повеќе за 17. АКТО фестивал за современи уметности – Современи (не)демократии II – Грижа и заедничките простори на www.akto-fru.org
17. АКТО е продуциран од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ и е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Европска унија – проект „Острови на сродност“, ГЕТЕ институт – Скопје, Фондација „Хајнрих Бoл“. Настанот се реализира во партнерска соработка со Музејот на современа уметност – Скопје.