коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
И после ќе каже некој дека носење закон, пратеници, политичари, политика и слични големи зборови и изрази биле сериозна работа. Па како може да бидат сериозни кога во политиката, преку која се градат (и уриваат) држави, се одлучува за судбини на луѓе, има такви циркузанти, да пукнеш од смеа?! Се разбира, под услов да не ги изведуваат своите точки во твојата земја, инаку смеата е кисела.
Министерката за правда, Дескоска, ја притисна стоперицата и почна да одбројува секунди до истекот на рокот за поднесување амандмани за законот за јавното обвинителство. И, како тинејџери пред првиот „судар“, Милошоски и неговите другарчиња се стаписаа и почнаа да редат гафови. Не биле стручни како партија, па Дескоска требало да ги викне експертите од јавната расправа (завршена) за да ги дадат тие амандманите.
„ВМРО-ДПМНЕ нема намера да изигрува експерт и затоа предност им дава на правните експерти. Смета дека амандман подготвен од експерти е подобар од амандман подготвен од политичка партија“, ќе рече Милошоски. Човек таман да помисли дека може и подобро, ама тој може само полошо.
Како и да е, тешко дека ќе може да одиграат поглупаво отколку со обвинителот Јовески. Прво си заминаа од преговорите затоа што него го немало, а потоа, кога тој дојде на јавната расправа во парламентот, го прекинаа и се кикотеа како недоветни. Да направат нешто поглупаво од тоа е тешко, бидејќи и за тоа треба троа памет. Додека времето истекува, циркузантите изведуваат сѐ поглупави и сѐ помалку смешни фори и фазони.
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.