Во постот што го рецензираме намерно се изоставени клучните образложенија и аргументи на државите кои во ОН гласаа против документот на Русија. Причините за таквиот став се неповрзани со генералната и изворна борба против нацизмот, неонацистичките идеологии и слично. Јасна е намерата за злоупотребата на тие имиња од страна на Русија за да се оцрни Укрaина, како и да се најде оправдување за руската агресија врз украинскиот суверенитет, пишува Вистиномер.
Текстот го пренесуваме во целост.
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува текст со наслов:
Станавме официјални поддржувачи на нацизмот и тоа во Обединетите Нации! Еве кои се другите земји.
Во текстот се вели дека 52 земји, вклучувајќи ги Германија, Италија и Австрија, во ОН гласале (на 4 ноември 2022 година) против годишната руска резолуција за борба против глорификацијата на нацизмот.
Пред една година имаше само две од нив – САД и Украина. Секогаш е во ред се додека се работи за наши терористи“ – Западот. Проблемот е уште поголем што и Македонија овојпат гласаше ПРОТИВ глорификацијата на нацизмот. Бесрамниот тренд на изедначување на комунизмот и фашизмот, како и рехабилитацијата на фашистите од типот на Ванчо Михајлов продолжува, се вели во написот.
Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот кога се вели дека Северна Македонија станала официјален поддржувач на нацизмот заедно со други земји. По вжештена дебата Комитетот ја одобри драфт резолуцијата за борба против глорификацијата на Нацизмот со 105 гласа „за“, 52 „против“ и 15 отсутни. Во Собранието на ОН беше изразена загриженост за глорификацијата на нацистичкото движење, неонацизмот, како и за подигнувањето споменици и јавни протести за да се глорифицира нацистичкото минато. Претставувајќи го текстот, делегатот на Руската Федерација, изрази загриженост за расистичката и ксенофобична реторика, повици да се депортираат мигранти и бегалци, исламофобија, афрофобија и антисемитизам. Неколку делегати го искористија правото на збор за да изразат загриженост за тоа што Москва се обидува да го експлоатира текстот за борба против неонацизмот, за да ја оправда својата брутална војна против Украина. Украинскиот делегат, пак, посочи дека драфтот нема ништо заедничко со вистинска борба против нацизмот и неонацизмот. Делегатот на Обединетото Кралство рече дека резолуцијата е дел од обидот на Москва да ја оправда својата агресија против Украина со продлабочување на лагите и искривување на историјата.
Делегатот на САД ја нарече резолуцијата циничен обид на Москва да ги продлабочи своите геополитички цели преку повикување на Холокаустот и Втората Светска Војна.
САД, инаку, гласаат против оваа резолуција секоја година од 2005 до денес.
Во 2020 година, оттаму посочија дека САД ќе гласа против оваа резолуција зашто документот е завиена форма на обид да се легитимираат руските дезинформациски наративи за оцрнување на соседните нации (Украина н.з.) под циничниот превез за борба против глорификацијата на нацизмот.
На 4 ноември годинава, пак, на официјалната страница на Европската Унија е објаснето зошто ЕУ гласаше против оваа резолуција. Наведено е дека со ставот се согласува и Украина. Во соопштението се наведува дека за многу европски држави крајот на Втората светска војна не донесе слобода туку продлабочена окупација и уште поголема репресија и во некои случаи дури и злосторства против човештвото од други тоталитарни режими.
Навистина, најопустошените делови на европската историја се резултат на тоталитарни идеологии, вклучително и нацизмот. Денеска, под лажниот превез дека се бори против нацизмот, Русија ги донесе хорорите на војната назад во Европа, заедно со потсетувањето дека мирот не може да се земе здраво за готово. Строго го осудуваме злоупотребувањето на аргументот за борба против нацизмот и ги отфрламе невистинитите и несоодветни употреби на термините денацификација од страна на Русија, за да ја оправда својата нехумана сурова и нелегална војна и агресија против Украина, а чии ефекти се страшни не само за луѓето во Украина туку и за луѓето ширум светот. Таквата дисторзија го поткопува нашето разбирање на Холокаустот, претставува непочитување за пораката од него и ги поткопува демократските принципи.
Во врска со резолуцијата која се наоѓа пред нас денеска, Европската Унија со години тврди дека борбата против екстремизмот и осудата на одвратната идеологија на Нацизмот не смее да се злоупотребува за политички мотивирани цели со кои се сака да се најде оправдание за кршењето на човековите права. Пак би сакале да напоменеме дека трагичното минато на Втората светска војна треба и понатаму да служи како морална и политичка инспирација за соочување со предизвиците на денешниот свет. Европската Унија е недвосмислена во својата заложба за глобалната борба против нацизмот, расната дискриминација, ксенофобијата, антисемитизмот и сличните нетолерантности. Нашата заедничка борба против современите форми на екстремизмот и тоталитарните идеологии, вклучително и неонацизмот, мора да се заеднички приоритет за целокупната интернационална заедница. Поради овие причини, земјите членки на ЕУ мораше да го адаптираат својот пристап кон резолуцијата. Од овие причини ЕУ ќе гласа против оваа резолуција, се вели во објаснувањето на земјите членки на ЕУ.
Претставникот на С. Македонија изјавил дека подносителот на резолуцијата, Руската Федерација, официјално и јавно ја има оправдано својата војна агресија, со тоа што тврди дека спроведува таканарачена „денацификација” на Украина. Тој додал дека руска национална агенција во официјална изјава како една од четирите причини за воената инвазија во Украина ја наведува денацификацијата. Според претставникот на С. Македонија ваквиот наратив е пропагандистички лајтмотив на агресорот.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека С. Македонија станала официјален поддржувач на нацизмот во ОН. Во постот што го рецензираме намерно се изоставени клучните образложенија и аргументи на државите кои гласаа против документот. Причините за таквиот став се неповрзани со генералната и изворна борба против нацизмот, неонацистичките идеологии и слично. Јасна е намерата за злоупотребата на тие имиња од страна на Русија за да се оцрни Укрaина, како и да се најде оправдување за руската агресија врз украинскиот суверенитет.