„На дел од конгресите претседател на ВМРО е Иван Михајлов. И да тој бил во егзил во Загреб каде што живеел и соработувал со тогашната НДХ која била фашистички односно нацистички сојузник. Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што можеби за некој по неколку децении нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја водел ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но ова е континуитет на една организација која што во современото време станува политичка партија“ вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Република“.
Во интервјуто тој признава дека тој и неговата партија не биле искрени со протестите против клубот Ванчо Михајлов во Битола и дека тие немаат ништо против користењето на името на Михајлов или тоа на Цар Борис.
„Затворањето на бугарските клубови не е од причина зошто некој бил соработник или не бил со некој режим. Тоа е поради политички реципроцитет. Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој клуб каде што културно ќе се организираат или да имаат права кои се резултат на пресудите на судот во Стразбур, јас не гледам ниту една причина зошто овие 1500 граѓани на Македонија кои се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија. Дали тоа клуб Иван или Ванчо Михајлов или е Цар Борис Трети за мене во политичка смисла сеедно“ рече Мицкоски.
Со ваквите признанија и односот кон Ванчо Михајлов, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги прекршуваат законите за политички партии и здруженија на граѓани, чии последни измени доаѓаат токму на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Измените на Законот за политички партии предвидуваат политичките партии во своите програми, имиња, статути и обележја, да не може да користат или да бидат насочени кон разгорување на национална, расна или верска омраза, етничка нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, ширење или промоција на фашизам, нацизам, национал-социјализам или третиот рајх. Како и да не може да се повикуваат на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам или Третиот Рајх.