Неколку македонски портали известија дека украинската окупација на Херсон е во тек, повикувајќи се на неименувани медиуми.
На пример, порталот Плусинфо во текст објавен на 25.10.2022, пишува: „Како што пренесуваат медиумите, украинската окупација на Херсон е во тек…“. Истата реченица може да се најде и во текстот објавен од порталот „Во Центар“.
И во емисија на ТВ каналот „Русија 1“, на 13.11.2022, рускиот пропагандист Соловјов дезинформира дека Украина била таа која окупирала руски земји: „Нашите земји се кај непријателот. За прв пат во нашата историја по 1945, наши земји се окупирани…“.
Соловјов понатаму тврди дека требало да се ослободат „родната Херсонска област, родното Запорожје, родната Доњецка област, и мал дел од Луганск“. Но, што е вистината – кој е окупатор, а кој е ослободител?
Вистината е дека Украина нема окупирано територии на Русија, туку обратно, Руската федерација има окупирано територии на Украина. Областите што ги споменува Соловјов се територии на Украина кои беа окупирани од Руската федерација по воената агресија на 24 февруари 2022, осудена од 141 земја на ОН.
Обединетите нации имаат донесено резолуција која вели дека регионите Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје се привремено окупирани од Русија како резултат на агресија, која ги нарушува територијалниот интегритет, суверенитет и политичката независност на Украина.
И самиот руски претседател Владимир Путин, во јануари 2003 во Киев склучи договор за руско-украинската граница со тогашниот украински претседател Леонид Кучма. Путин лично потпиша дека гореспоменатите региони се дел од Украина.
На сајтот на Кремљ има информации и за потпишувањето и за ратификувањето на спогодбата помеѓу Русија и Украина за руско-украинската државна граница.
Овој меѓународен договор потпишан од Путин може да се најде и на сајтот на ОН. Во рамките на договорот има и детални мапи за разграничувањето, според кои регионите Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје се во Украина, а не во Руската Федерација.
Сите овие факти укажуваат дека тврдењата за „украинската окупација на Херсон“ се дезинформација. Медиумите треба да внимаваат и да не пренесуваат вакви пропагандни содржини, туку да објавуваат точни информации од проверени извори.
(Полиграф е ТВ Емисија реализирана од Институтот за медиуми и аналитика ИМА и ТВ Алсат)
Извор: СМК