Професори-членови на Наставно-научен совет на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се обрати до Редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА со наводи за, како што пишуваат, „скандалозно нарушување на автономијата на Катедрата по микробиологија и паразитологија на Медицинскиот факултет во Скопје“.
Тие се обратија до Редакцијата поради, како што велат, чувството на должност, морална обврска и одговорност да ја информираат македонската јавност за актуелните настани на Катедрата по микробиологија и паразитологија во врска со објавениот конкурс за избор на лица во сите наставно-научни, научни, насловни и соработнички звања на Медицинскиот факултет во Скопје, од 17 октомври 2022 година, на кој се пријавиле три кандидати.
Во продолжение реакцијата на групата професори, членови на наставно-научниот совет:
Во изминатиот месец, кредибилитетот на Катедрата по микробиологија и паразитологија бил комплетно нарушен, поради континуирани притисоци, бројни закани и инсинуации, масовни лобирања и ширење дезинформации во врска со постапката за избор на рецензентска комисија. Главен мотив на ова писмо е информирањето на македонската јавност со сите неправилности кои се случувале во тек на неколку недели на Медицинскиот факултет во врска со овој конкурс.
Професорите на Медицинскиот факултет при УКИМ, Скопје, сметаат дека:
1. Студентите на нашата земја заслужуваат независен образовен процес, во кој изборот на наставни позиции треба да се изведува по заслуга и квалитет, низ комплетно транспарентни процеси.
2. Било какво мешање во автономното работење на катедрите не смее да биде присутно во овие постапки.
3. Сите оние кои се вмешани, поради взаемни “должничко-доверителски” односи, со вршење притисок, закани и лобирање, да се повикаат на одговорност.
Во продолжение, јавноста накусо ќе биде запозната со текот на постапката за избор на рецензентска комисија на состанокот на Катедрата по микробиологија во врска со гореспоменатиот конкурс. На овој состанок биле предложени 3 рецензентски комисии, кои биле ставени на јавно гласање, по што била избрана една комисија со мнозински број на гласови (7 гласале–за, 5 биле–воздржани). Оваа комисија била предложена до Кадровскиот одбор, со регуларно испратен записник од катедрата. Што се случувало понатаму? За жал, 3 часа после завршувањето на состанокот, вонредна професорка на катедрата ја сменила својата одлука и за овој чекор ја информирала катедрата по електронски пат. На тоа се надоврзале и електронските писма од други пет членови на катедрата, кои претходно гласале воздржано за избраната комисија.
На состанокот на Кадровскиот одбор на кој бил присутен и Деканот на Медицински факултет, било прифатено повлекувањето на гласот на претходно споменатата професорка 3 часа после завршувањето на состанокот. Се наметнува прашањето, според кој член на Статутот е дозволено повлекување на гласот после завршено гласање, кое било уредно спроведено според Правилник и конечно верифицирано во официјален записник од Раководителот на катедрата. Исто така, од делегатот на Катедрата по микробиологија и актуелен раководител на Институтот за микробиологија и паразитологија е побарано да даде предлог за нова комисија за која никогаш и не се разговарало на Катедрата по микробиологија, што претставува ПРЕСЕДАН.
Апсурдно е што Правната служба на Медицински факултет ги прифатила интерните електронски пораки од пет членови на Катедрата, како доказ за “наводниот нелегитимен избор на рецензентската комисија”, а не го уважила уредно доставениот официјален записник. Тие исто така не сметале за неопходно да ги слушнат ставовите за овој избор од останатите шест членови на катедрата. Катедрата по микробиологија никогаш не добила писмен допис од Правната служба дека наводно „бил спроведен нерегуларен избор на рецензентска комисија“ или барање за повторување на постапката за избор на нова рецензентска комисија. Правната служба го прифатила и тврдењето на делегатот на Катедрата по микробиологија за „нелегитимен избор на рецензентската комисија“, иако таа воопшто не била физички присутна на состанокот на Катедрата, и истиот го следела онлајн. За жал, на овој начин пред Кадровскиот одбор била претставена комплетно нереална и искривена слика за регуларната постапка за избор на рецензентска комисија.
Поради сите нерегуларности, членовите на Наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет биле запознати со информативно писмо по електронски пат. Во писмото се истакнува дека, должност и законска обврска на сите членови на академската заедница е да се подржи автономното работење на катедрите, според законските нормативни акти – Законот за високо образование и Статутот на Медицинскиот факултет. За овие случувања бил известен и Државниот Просветен Инспекторат при Министерството за Образование и Наука, од кој било побарано преиспитување на овие одлуки, и стопирање на донесената одлука на Кадровскиот одбор, со што била директно нарушена автономијата и кредибилитетот на Катедрата по микробиологија.
Се поставуваат прашањата:
1. Зошто не била прифатена одлуката на Катедрата по микробиологија за избор на рецензентска комисија од страна на Кадровскиот одбор?
2. Дали начинот на кој е предложена новата комисија на Кадровскиот одбор фрла сомнеж за друга позадина и фаворизира нечии лични интереси?!
3. Зошто не бил воопшто повикан член од Катедрата по микробиологија на Кадровскиот одбор да даде објаснување за текот на регуларниот избор на комисијата?
4. Зошто делегатот од Катедрата и Раководител на Институтот за микробиологија на Кадровскиот одбор се согласила со наводниот исказ за „нелегитимност“ на регуларно избраната комисија?
5. Кои се причините за ваквиот став на делегатот на Катедрата која не била физички присутна на состанокот и го следела истиот онлајн?
6. Многу е нејасно зошто во новата комисија бил предложен професор во пензија кој 2 години пред пензионирањето лично се иземал од сите рецензентски комисии? Зошто се прескокнати 6 редовни вработени професори на Катедрата по микробиологија?!
7. Нејасно е зошто во новата комисија бил предложен професор од Универзитетската клиника за инфективни болести, кој не ги познава кандидатите?
8. Зошто е предложена истата професорка која после 3 часа од состанокот на Катедрата апсурдно го повлекла својот глас за избраната комисија, а претходно лично се иземала од учество во сите рецензентски комисии поради здравствени причини?!
9. За преиспитување на ваквите нетранспарентни постапки на Медицинскиот факултет за избор на рецензентски комисии на катедрите преку притисоци, лобирања и закани со претходно договорени планови на поединци (кои за жал во минатото секогаш се премолчувале заради страв и притисоци), треба да се известат и Ректоратот на УКИМ и сите странски амбасади!
10. Дали и понатаму треба да се премолчува необјективното и максимално нетранспарентно функционирање на Медицинскиот факултет?
11. Дали со премолчувањето на академската заедница во нашата земја и немањето храброст за јавно обзнанување на овие проблеми сме неми сведоци за академскиот криминал?!?
12. Дали е ова патот кон Европа и дали на овој начин УКИМ ќе го заслужи своето место на Шангајската листа на универзитети?