Вложувањето во младите лекари специјализанти, во нивна експертиза и знаење, е влог во подобрување и усовршување на целиот здравствен систем во Северна Македонија.
Државата има квалитетен медицински кадар и за да нема одлив на кадри, потребно е да се создадат конкурентни услови за работа како во европските земји, истакна проф. д-р Венко Филипче, неврохирург и претставник на фондацијата „Заев едно општество за сите“ на вчерашната панел дискусија организирана од ЗЛС на тема „План и стратегија за задржување на младите лекари во земјата“.
Фондацијата во рамките на своите програми посебен сегмент посветува на поддршка и развој на здравството, како и унапредување на положбата на здравствените работници. За таа цел, Филипче најави дека се подготвуваат две програми како стимулирање на младите специјализанти кон повисоки професионални достигнувања и градење на идни квалитетни и конкурентни лекари кои ќе работата во клиниките и болниците низ државата.
„Фондацијата „Заев едно општество за сите“ ќе обезбеди стипендии за 5 до 10 специјализанти во Иркад центарот за експериментална хирургија во Стразбур,Франција. Тоа е Центар каде на животни се аплицираат најсовремените медицински достигнувања, дали се тоа ендоскопски интервенции, или отворени хируршки интервенции, или роботска хирургија или ендоваскуларна, или хибридни интервенции. Сметам дека што поголем број на млади лекари треба да го посетат тој Центар, затоа Фондацијата тоа ќе почне да го спроведува веќе од следната година. Другата програма во договор со Медицинскиот факултет и ЗЛС, Фондацијата ќе го финансира престојот, на специјализантите, на стажот за мобилност од три месеци, во некој од најразвиените европски универзитети каде ќе може да се усовршуваат и едуцираат“, истакна Филипче.
Доктор Филипче посочи дека на младите лекари треба да им се понуди соодветна поддршка и усовршување, конкурентни плати и услови во клиниките, како и почитувана позиција во општеството.
Изминативе 5 години, во секторот здравство беа реализирани 5000 вработувања, платите на здравствените работници беа драстично покачени, специјализантите за својот труд добија надомест во висина од просечна плата на општ лекар, им се плаќаат дежурства, имаат здравствено и пензиско осигурување. Дополнително, здравствениот буџет во период за пет години е зголемен близу 50%, но и покрај сето тоа треба да се размислува на подобрување на условите за работа и развој.
„Ние имаме исклучително квалитетни и посветени лекари. Има експертиза на нашите клиники која мора да се поддржува и развива и само така ќе одржуваме чекор со развиените земји и ќе ги мотивираме младите лекари да учат, да се надградуваат и работат тука. Водејќи се од овие приоритети, Фондацијата во својата програма ќе предвиди активности за поддршка на сите млади лекари за нивен развој и едукација со цел мотивирање и унапредување на овој сектор. Покрај ова, Фондацијата ќе се фокусира и на обезбедување пристап до услуги за сите граѓани и зголемување на достапноста на услуги во сите делови од државата како и за маргинализираните групи граѓани кои немаат пристап до одредени услуги“, истакна Филипче.
Тој додаде дека подобрите услови за лекарите, специјалистите и сите здравствени работници остануваат и понатаму фокус на неговата работа, но и еден од приоритетите на Фондацијата „Заев едно општество за сите„.
На младите специјализанти Филипче им порача:
„Посакувам и понатаму да останете конструктивно агресивни кога барате состаноци, и кога барате имплементација на различни модели и да продолжи системот кој што го започна Билјана пред 5 години, го продолжи Александра заедно со Марио и со Мирален и со другите колеги. Да барате секогаш вратите да ви се отворени , да не прифаќате дека има затворена врата. Ако некогаш во некоја институција мислите дека вратата ви е затворена да влезете преку прозор затоа што оваа е ваша земја“.