Магистралниот пат Битола-грчка граница конечно се реконструира. Тој е во должина од околу 14 км и минува низ Пелагониската котлина. Битолчани се радуваат на почетокот на градежните работи, оти велат дека ова е патот кој ги поврзува со Европската унија.
Деновиве патот е затворен во едната лента на две испрекинати делници во близина на ИЗ „Жабени“ и кај езерото Жабени. Екипата на „Независен“ на терен забележува дека сигнализација предупредува на кои делници се работи на патот, а сообраќајот се регулира со семафори. Градежни машини носат бетон, а работниците ги поставуваат рабниците на патот, додека други работници на дадени позиции со механизација ја чистат земјата покрај патот од треви и отпад, што асоцира на проширување на коловозот. Возачи со лесни коли, камиони и земјоделска механизација стрпливо чекаат да се пушти семафорот од нивна страна за да го продолжат патувањето, и навидум нема проблеми во одвивањето на сообраќајот. Дури и камионите за РЕК „Битола“ кои деновиве интензивно носат јаглен од Грција за термоелектраната внимателно го обиколуваат заградениот и обезбеден дел од патот.
Овој пат е многу фреквентен заради граничниот премин со Грција. Возачи кои ги затекнавме на патот велат дека нема политичка партија што не ја ветила реконструкцијата на патот Битола-Меџитлија, ама ете дури сега 30 години по осамостојувањето на државата, почнуваат градежните работи. Она што ги обесхрабрува возачите е што патот почна интензивно да се обновува пред зимата
„Убаво е кога гледате дека нешто се работи, а особено кога се работи на ваков важен пат за Битола и воопшто за државата. Но, стравувам дека кога ќе падне првиот снег, да не случајно го покрие патот и да останат само рабниците сменети. Сепак, да се надеваме дека ќе се обнови во целост и заради границата и заради работниците во ИЗ ‘Жабени’ и заради нас мештаните по пограничните села“, вели младиот возачот Марио.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека изведувачот ги започнал работите уште летоска, а патот треба да биде обновен до летото следната година.
„Во однос на рехабилитација на магистралниот пат Битола – Меџитлија, веќе е склучен договор за негова реконструкција. ЈП за државни патишта склучи договор со конзорциумот ‘Пелагонија и Иса’ со динамички план за работа и изведувачот е воведен во работа на 11.07.2022 година. Рокот за негово завршување по договор е јули 2023 година. Вредноста за рехабилитацијата изнесува 202,8 милиони денари“, ни одговорија од Министерството за транспорт и врски.
За да се има претстава колку е фреквентен патот треба покажуваат и податоците од „Кромберг и Шуберт“. Само во прва смена по магистралниот пат кон фабриката одат 32 автобуси, 25 комбиња, 100 автомобили и 16 камиони на „Кромберг и Шуберт“. А фабриката работи во три смени.
Патот од Битола до Меџитлија е меѓународен пат, тесен, полн со дупки и нерамнини, крпеници, кривини и несигурни позиции опасни по безбедноста во сообраќајот. Жител на селото Кравари вели дека патот кој минува сред село на места нема ни пешачки патики и тротоари, па и самиот имал сообраќајна незгода. Иако на патот не е безбедно да се вози повеќе од 70 км на час, често по него несовесни возачи набиваат брзина и над 100 км на час. Така последната сообраќајна несреќа заведена во билтенот на СВР Битола е дека жена од Грција, пред десет дена, е тешко повредена на патот Битола-државна граница со Република Грција, управувајќи патничко возило со грчки регистарски ознаки. Таа изгубила контрола, излетала од коловозот и удрила во заштитна ограда. Во несреќата, 51-годишната жена се здобила со тешки телесни повреди, соопшти полицијата.
Извор: Независен