Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, денеска соопшти дека земјите-членки на Унијата имаат различни позиции во однос на предлогот на Европската Комисија за формирање на Трибунал за наводни руски воени злосторства во Украина.
Борел, на конференцијата на невладините организации во Брисел, рече дека на вчерашниот состанок на Европскиот Совет, заедно со Комисијата го презентирал овој предлог пред министрите за европски прашања, но дека дискусиите не дале резултат, односно дека не е постигнат договор за формирање на трибунал за Украина, пренесе ТАСС.
Според Борел, станува збор за интересна дискусија која засега нема конкретен одговор, односно меѓу членките на ЕУ се води полемика дали има потреба од формирање друга организација освен Трибуналот.
На 30 ноември, Европската Комисија предложи формирање фонд кој ќе вклучува 300 милијарди евра замрзнати средства на руската централна банка и 19 милијарди евра замрзнати руски приватни средства, кои ЕУ ќе ги инвестира за да го искористи профитот како компензација за Украина.
Европската Комисија предложи формирање меѓународен трибунал, со поддршка на ОН, кој ќе ги гони наводните руски воени злосторства во Украина.
Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, рече дека идејата е пример за она што се нарекува „меѓународен поредок заснован на правила“. „Тие ги подготвуваат овие правила, потоа ги претставуваат како универзално признати и бараат покривање на авторитетот на ОН“, рече Небензја