Одбележувањето на овој голем ден е само симболика на ова наше секојдневие – меѓусебна почит што е основата за градење на здраво и стабилно општество во кое има место за сите. Оваа земја е втемелена на толеранција и разбирање. Нашата приказна секогаш била на правилната, на вистинската страна. На страната на почитувањето и меѓусебното прифаќање со сите народи кои тука живеат, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод Денот на наставата на турски јазик кој е единствен национален празник на Турците во Република Северна Македонија.
Во своето обраќање во Арена „Борис Трајковски“, каде што Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) во соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) ја организираше централната прослава, премиерот посочи дека турската култура, јазик и традиција имаат огромен придонес во мозаикот на различности и на вредното културно историско наследство на Северна Македонија.
– Нашите сограѓани Турци заеднички со останатите граѓани рамноправно учествуваат во градењето на државата од сите аспекти. Вклучени се во носењето на важни одлуки во сите институции во државата. Придонесуваат во економскиот раст и развој на државата и секогаш застануваат во одбрана на државните и стратешките интереси кога е тоа потребно. И денес заеднички настапуваме во заложбите за современа економски развиена евроатлантска Северна Македонија дел од прогресивниот демократски свет, рече тој.
Премиерот истакна и дека јазикот не е само средство за комуникација, туку, тоа е дел од нашиот код, од нашиот идентитет. И затоа, како што рече, „со највисока почит и уважување гледам и на мојот мајчин јазик но и на мајчините јазици кои ги зборуваат сите мои пријатели од сите народи со кои делиме еден дом – Република Северна Македонија“.
– Токму затоа во нашиот Устав е загарантирано правото на образование на мајчин јазик, загарантирано е правото на образование на турски јазик. Ова е исклучително важно затоа што на овој начин се овозможува еднаков пристап и најдобри можни услови за квалитетно образование и развој за секое едно дете, за секој граѓанин. Нашето општество е мултикултурно. Ние сме мултикултурна функционална демократија и тоа е нашата вистинска предност. Токму затоа наша должност како држава е да ги почитуваме и чуваме јазиците на сите граѓани кои живеат во нашата држава. Тоа е единствениот правилен цивилизиран начин на функционирање на државата, рече тој.
На крајот од своето обраќање, тој порача дека Владата останува посветена на промовирање на заедништвото, обединување, квалитетно образование на мајчин јазик за сите, обезбедување квалитетни услови во кои се одвива образовниот процес и на креирање еднакви можности и едно општество во кое, како што рече „има место за сите“.
На настанот се обрати и претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп.
На 21 декември се одбележува почетокот на наставата на турски јазик во 1944 година, во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје.