Рускиот парламент се подготвува да воведе повисока даночна стапка за луѓето кои ја напуштиле земјата, како што направија многумина од почетокот на војната во Украина во февруари, објави Ројтерс.
Вјачеслав Володин, претседател на Думата, изјави дека се работи на нов закон за оданочување.
Правилно е да се укинат привилегиите за оние кои ја напуштија Руската Федерација и да се воведе зголемена даночна стапка за нив. Оние кои сфатија дека грешат веќе се вратија. Останатите нека разберат: огромното мнозинство од општеството не го поддржува нивниот чин, и смета дека ја предале својата земја, роднините и пријателите, вели Володин.
Не е познат точниот број на Руси кои ја напуштиле својата татковина од почетокот на војната. Некои локални медиуми објавија дека дури 700.000 луѓе избегале по објавувањето на мобилизацијата. Руската влада ги негираше тие бројки.
Рускиот персонален данок на доход од 13% автоматски се одбива од домашните работодавци. Според Федералната даночна служба на Русија, Русите кои работат во странство и се руски даночни резиденти мора самостојно да плаќаат данок.