Најмалку 25 луѓе загинаа во катастрофалната снежна бура во текот на викендот, објавија денеска официјални лица, означувајќи ја како најсмртоносната снежна бура во западен Њујорк во изминатите 50 години, пишува Вашингтон пост.
Патиштата се уште се непроодни, а повеќе од 12.000 луѓе се без струја. Се прогнозира да падне дополнителен снег до еден метар, изјави шефот на округот Ири, Марк Ц. Полонкарц за време на денешната прес-конференција. Спасувачите се борат да ги ослободат луѓето блокирани во нивните автомобили, додека на луѓето заглавени во засолништата и домовите за стари и изнемоштени лица им снемува храна.
Ова е најлошата бура веројатно во нашиот живот, а можеби и во историјата на градот. И ова сè уште не е крајот, истакна Полонкарц.
Загинатите се пронајдени во нивните возила и домови. Неколкумина претрпеле срцеви удари. Како последица на студот често може да се предизвика стеснување на артериите и вените и вртоглаво покачување на крвниот притисок.
Полонкарц очекува бројот на загинати да се зголемува бидејќи првите екипи конечно ќе стигнат до жртвите кои можеби се мртви со денови.
Бафало е погоден од поларниот вортекс (вител) што предизвика хаос од Вашингтон до Флорида, подложувајќи повеќе од половина земја на некаква форма на предупредување или советување за зимско време. Најмалку уште 11 луѓе загинаа надвор од Њујорк, се наведува во извештајот на Вашингтон пост. Повеќе од 100.000 луѓе во државата Вашингтон, Мејн, Тексас и Вирџинија исто така останаа денеска без електрична енергија, според PowerOutage.us.
Националната метеоролошка служба предупреди дека „засилувачкиот удар“ на студениот воздух од Канада може да предизвика повеќе снег низ Големите Рамнини и Средниот Запад денеска, додека источната половина од земјата ќе остане во длабок мраз.