Процесот на пристапување е долг и има многу отворени прашања, во тие прашања или ќе успееме да ги совладаме или тие ќе не совладаат нас и ќе не блокираат, истакна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во гостувањето во Сител телевизија.
-Но она што е битно по првпат, ние секогаш сме биле блокирани од друга држава, и ние по првпат доколку бидеме блокирани наредната година ќе бидеме блокирани од ВМРО-ДПМНЕ, значи ветото ќе биде од нив, значи од наш политички фактор. И тоа ќе биде навистина трагично зашто држава која толку многу пострадала во билатералните прашања во својот 17 годишен период на чекање и кандидатура за ЕУ, истакна Маричиќ.
Во однос на борбата со корупцијата тој кажа дека таму има многу прашања кои се однесуваат на нашиот систем и токму затоа се преговорите за членство за тие прашања да се надминат.
Зборувајќи за изборот на шефот на Обвинителството за борба против организираниот криминал Маричиќ кажа дека секому треба да се даде шанса.
-Тој човек е избран со гласовите на обвинителите, не го избрало ни Собранието, ни владата, ни советот на обвинители. Секој човек што има функција има свој интегритет и одговорност и секому треба да се даде шанса да покаже како ќе ја врши работата, истакна Маричиќ.
Граѓаните сакаат во ЕУ и наш национален интерес е тоа да го оствариме
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кажа дека земјата ја интересира како клучна одредница волјата на граѓаните, а тоа е членството во ЕУ.
-Ако граѓаните сакаат во ЕУ ние сме должни да направиме се зачувувајќи ги идентитетот и националните интереси за да ја оствариме таа цел. Ние со НАТО покажавме дека нема недостижна цел и доколку навистина се потрудиме нема недостижна цел. Не е вистинското прашање дали ние сакаме да ги видиме Бугарите во Уставот, тоа е според мене не е нешто што на какво било начин ќе го загрози нашиот идентитет, кажа Маричиќ.
Според него, ако се разговара рационално придобивките од ЕУ се многу големи.
-Ние веќе тоа го правиме и за придобивките на процесот во ЕУ и за тоа како да ја донесеме ЕУ тука дома во СМ, а не да ги принудуваме нашите граѓани да се иселуваат за да живееат во ЕУ, тогаш мислам дека ќе дојдеме на рационален терен дека придобивките се многу поголеми отколку внесување на уште три заедници во Уставот, истакна Маричиќ.