Секој човек во Македонија да има компјутер, е благородната цел кон која се стреми Борче Стаменов од Кавадарци, кој меѓу граѓаните е многу попознат преку иницијативата „Донирај компјутер“. Веќе шест години овој млад човек неуморно работи на поправка на користени електронски уреди и ги подарува на оние на кои им се многу потребни, а не можат да си ги дозволат. Веќе подарил над 2.200 компјутери низ целата земја, а опремил и кабинети на околу 20 училишта.
Стаменов вели дека идејата за „Донирај компјутер“ се родила во 2016 година како логичен одговор на прашањето што да се прави со старите компјутери на клиентите на компанијата каде што работи, кои набавиле нови, а истовремено да им се помогне на сограѓаните кои немаат средства да набават нов компјутер. Првиот компјутер го добила самохрана мајка од Кавадарци која побарала помош од нив, а следните 20 заминале кај семејства за кои слушнале дека им се потребни.
„Досега подарени се над 2.225 компјутери низ цела држава. Опремуваме и физички лица, но во последно време почнавме да опремуваме и кабинети по информатика во училишта низ цела Македонија. Досега 20 училишта добија опрема од нас, а ќе опремиме уште три кои ни се пријавија“, вели Стаменов.
Од почетокот на иницијативата па досега, Стаменов вели дека бројот на донации и обемот на работа многу се зголемиле. Пред три до четири години за една година се донирале 100 компјутери, а сега таа бројка се реализира за една недела. Заедно со работата се зголемува и тимот на волонтери низ целата држава, а во моментов за хуманата цел на „Донирај Компјутер“ допринесуваат околу 50 лица, од кои десетина се редовни повеќе години. Борче вели дека чувството да се придонесе за подобар живот за некој што се нашол во незавидна состојба во животот е незаменливо и апелира до младите што повеќе да волонтираат во ваков тип на иницијативи.
„Младите треба да помагаат и активно да се вклучуваат во вакви иницијативи. Ние преку нашите објави на социјалните мрежи ги охрабруваме и ги запознаваме сите кои не следат за позитивните влијанија кои произлегуваат од волонтирањето и филантропијата. Оваа работа исполнува. Да помогнеш некому кого не го познаваш, да му дадеш желба за живот е нешто што не се опишува со зборови“, вели Стаменов.
Тој вели дека на почетоците од „Донирај компјутер“ не можел да замисли дека иницијативата ќе стане позната низ целата земја и дека ќе има толку донирани компјутери. Вели дека секогаш се надевал дека ќе успеат да се соочат со предизвиците да соберат, транспортираат, поправат и подарат голем број на компјутери, а притоа да не потрошат пари и тоа во моментов им успева.
Тој и волонтерите, кои доаѓаат кога сакаат и имаат време, секој слободен момент го користат во работилницата во Кавадарци. Исто е и во работилницата во Скопје, а наскоро ќе биде отворена и трета во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
„Важно ни е да го помогнеме процесот на образование, како што знаеме најдобро, иако тоа е работа на државата. Образованието и дигиталната писменост за жал кај нас се на многу ниско ниво и ова е нашиот начин да придонесеме и за граѓаните и за државата. Истовремено, работиме на тоа електронскиот отпад да се сведе на минимум. Сè што доаѓа се проверува повеќепати, за да му се даде нова шанса за живот. Она што не се поправа или е неупотребливо го предаваме на компанија која се занимава со прописно одлагање на тој отпад и на тој начин ја штитиме и околината“, вели Борче и додава дека тој и волонтерите нема да застанат додека секој граѓанин не поседува компјутер, а потоа сакаат идејата да ја рашират на Балканот.
Фирми и поединци кои имаат стари апарати веќе ја препознаваат иницијативата и самите ги контактираат за да донираат, транспортот и доставата ја обезбедува една транспортна компанија, а постојано се приклучуваат и многу други кои сакаат на некој начин да помогнат. Борче вели дека има три начини на достава на донации, да се испратат по карго или лично да се донесат до работилницата во Кавадарци, според мапата која се наоѓа на веб страницата donirajkompjuter.mk или пак да се остават во салон на „Нептун“, кои се соработници на иницијативата.
Борче вели дека полека но сигурно се движат кон зацртаната цел, секој да има компјутер. Засега, таа е исполнета во Македонски Брод, каде секој што имал потреба добил донација, вклучувајќи ги и училиштата. Секој што се пријавува за да добие донација треба да достави потврда дека е од социјално загрозено семејство, невработен, со ниски примања или пак самохран родител. Соработуваат и со социјалните установи, но и со граѓански организации кои имаат списоци на свои членови или штитеници.
Неодамна, заедно со УНХЦР започна и уште една хуманитарна иницијатива преку која дваесетина студенти, од кои дел се бегалци, дел се баратели на азил, а дел се лица без државјанство, во следните два месеци ќе се дружат и ќе учат од искусните ментори на „Донирај компјутер“ како да поправаат и склопуваат компјутери и на тој начин ќе стекнуваат вештини со кои ќе можат потоа да најдат работа, ќе помагаат да се намали компјутерскиот отпад, а и ќе растат во својата солидарност и добрина.
Извор: МЕТА