Околу 70 полицајци се повредени во судирите со илјадници демонстранти за заштита на животната средина кои се спротивставија на проширувањето на рудник за јаглен во западна Германија, соопшти денеска германската полиција.
Околу 15.000 демонстранти, според полицијата, или 35.000 според организаторите, меѓу кои беше и шведската еколошка активистка Грета Тунберг, вчера протестираа против проширувањето на отворениот рудник за јаглен, поради што се урива во градчето Луцерат во Рајнскиот басен меѓу Дизелдорф и Келн.
Тие дојдоа да ги поддржат активистите кои го окупираа тоа место и кои полицијата се обидува да ги евакуира. Според полицијата, против 150 лица се покренати правни постапки.
-Ситуацијата на терен денеска повторно е мирна, соопшти полицијата.
Операцијата за евакуација на активисти од Луцерат е политички чувствителна за владејачката коалиција на социјалдемократот Олаф Шолц, кој владее заедно со еколозите. Активистите ги обвинуваат еколозите дека ги прекршуваат ветувањата.
Владата смета дека е неопходно да се прошири рудникот поради енергетската безбедност на Германија, која мора да го надокнади прекинот на испораката на гас од Русија. Тоа го оспоруваат противниците на борбата против фосилните горива.
Извор: МИА