Денес јасно и гласно во официјални изјави на европските лидери и на претставници на меѓународната заедница се употребува терминот „македонски јазик“, потсети премиерот Димитар Ковачевски при посетата на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно кое наскоро ќе биде Центар за промоција на македонскиот јазик.
-Македонскиот јазик е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици, во Европската Унија, по неговото официјализирање во Обединетите Нации. Прв доказ за тоа е договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик. А и целокупното европско законодавство веќе се подготвува да се преведе и на македонски јазик, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека во преспанскиот крај, каде е потпишан договорот со којшто земјата е членка на НАТО и со што се осигурани и територијалните граници на нашата татковина, власта се обврзала на целосна заштита и на македонскиот јазик и на нашиот посебен македонски идентитет.
-И денес за сите е јасно дека ние го исполнуваме ветеното. Како Влада, активно продолжуваме со посветеност кон нашето историско и културно наследство што нè дефинира и нè определува како народ и како држава, рече Ковачевски.