Основниот Кривичен суд – Скопје денеска треба да ја објави пресудата за случајот „Титаник 2“, предмет што се однесува на изборни нерегуларности за кои се обвинети поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешни членови на Државната изборна комисија.
Ова ќе биде втора првостепена пресуда за „Титаник 2“, откако Кривичниот суд во 2019 година ги осуди обвинетите, но во декември истата година, Апелациониот суд поради суштествени повреди на постапката ја укина пресудата и случајот го врати на повторно судење. Инаку, апсолутна застареност на ова дело настапува во април годинава.
Обвинителот Гаврил Бубевски во своите завршни зборови побара Мијалков, Тачи и поранешните членови на ДИК да бидат прогласени за виновни во случајот „Титаник 2“ и секој од обвинетите да одговара според степенот на кривичното дело.
Адвокатот на Мијалков, Миле Петровски побара неговиот клиент, како и другите обвинети да бидат ослободени од обвинение. Според него, нема никаков доказ дека Мијалков го сторил делото кое му се става на товар, а тврдењето дека тој го користел своето влијание е конструкција, а не факт потврден со докази.
Вториот бранител на Мијалков, Љупчо Шврговски, изјави дека очекувал Бубевски да го повлече обвинението, бидејќи, според него, обвинителот не треба да ја преиспитува работата на судиите.
Обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска негираа вина за изборни нерегуларности до 2013 година. Сите во своите завршни зборови посочија дека работеле стручно и непристрасно, а според нив, обвинителот Бубевски не докажал надвор од разумно сомневање дека тие навистина го сториле делото.
Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.