Министерот Љупчо Николовски информираше дека се доделуваат решенија на општини кои ќе инвестираат во инфраструктурни проекти за пробивање и тампонирање на локални пристапни патишта.
„Доделуваме решенија на 34 општини кои ќе инвестираат во инфраструктурни проекти за пробивање и тампонирање на локални пристапни патишта, во вкупна должина од 19.000 метри, со што на земјоделците им овозможуваме полесен пристап до нивните ниви“, вели Николовски.
Тој додава дека вкупната вредност е 33 милиони денари што е за два пати повеќе споредбено со 2018 година. МЗШВ во изминативе 5 годни преку Програмата за рурален развој финансиски поддржа проекти во вредност од над 50 милиони денари речиси во сите општини.
„Дополнително преку Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за капитални субвенции, за поддршка на Центрите за развој на плански региони, за последниве пет години инвестирани се вкупно 77 милиони денари за изградба на 78 локални патишта низ целата држава. Или вкупно преку двете програми, досега се инвестирани 126.3 милиони денари за изградба на вкупно 132 локални патишта за пристап до земјоделски површини“, изјави Николовски и додава дека така треба да биде и во иднина.
„Како Министерство заедно со Платежната агенција и во соработка со општините ќе продолжиме да придонесуваме и да создаваме современи услови за развој на селата и руралните подрачја, со цел да им го олесниме и подобриме животот на граѓаните во руралните средини.“, заклучи Николовски.
Извор: Агротим