Руската Федерација е еден од факторите на кои од интерес им е да се одржат живи конфликтите во овој регион, со цел полесно да може да се манифестира влијание. Па така и последната ескалација меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт, изјави министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи во интервјуто за Радио Слободна Европа.
За најавите за организирана посета на Бугари во Скопје на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари, кои Советот за безбедност го оцени како настан од висок безбедносен ризик и претседателот укажа на руска вмешаност во зголемувањето на тензиите меѓу двете земји, и за тоа какви се неговите сознанија, дали руската разузнавачка служба ги „поткопува“ македонско-бугарските односи, Османи одговори:
Јас немам такви директни информации, меѓутоа дека има интерес на трети фактори да се одржат живи конфликтите во овој регион, некогаш и замрзнати, со цел полесно да може да се манифестира влијание во нашиот регион, тоа е веќе позната работа од поодамна и тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку воопшто на Западен Балкан, така што сигурно последната ескалација ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт. Дали е тоа во наш интерес? Јас не се согласувам.
На прашањето дали тие трети фактори би ги именувале сега, Османи ја посочи Руската Федерација.
М. Д.
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА