Секој кој ќе помисли на кој било начин, со транспаренти или знамиња на туѓи држави, да ги навреди македонската држава и македонскиот народ, нема да може да го стори тоа и за тоа ќе сноси последици, нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, зборувајќи за создадените тензии околу чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Спасовски посочи дека Министерството за внатрешни работи има воспоставено ред со цел да не се дозволи да се случи инцидент на утрешното чествување, кој ќе биде во функција на остварување на целите на радикалните структури.
Министерот за внатрешни работи во вестите на Канал 5 изјави дека на сите најавени делегации кои сакаат да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев тоа ќе им биде овозможено, при што повика на достоинствено чествување.
– Многу е важно да имаме чествување достојно на ликот и делото на Гоце Делчев, во таа функција ги преземаме сите оперативни активности кои ќе придонесат да имаме мирно и достоинствено чествување, да се заштити јавната безбедност, јавниот ред и мир. Тоа е функција на МВР, апсолутно сметаме дека непотребно во изминатиот период се креваа тензиите поврзани со случајот во Охрид, кои не придонесуваат ништо добро во подобрување на односите, напротив сметам дека подигањето на тензиите само дополнително ќе ни ги влошува односите, рече Спасовски.
Во однос на тоа дали ќе бидат дозволени некакви „ноќни стражи“, министерот посочи дека деескалацијата е многу значајна.
– Ние како политика сме насочени кон меѓусебно разбирање и почитување. Тоа треба да биде взаемно. Да се почитуваме и разбираме со нашите соседи и нормално е да очекуваме да не разбираат и почитуваат и нас. Институциите се тие коишто апсолутно се задолжени и работат во полн капацитет за да обезбедат овој настан да протече мирно, нагласи Спасовски.
Министерот за внатрешни работи им порача на граѓаните да бидат спокојни бидејќи, како што рече, нема никаква индикација за вознемиреност.
– Уште еднаш упатувам апел до сите граѓани за достоинствено чествување. Посебно до сите тие патриотски институти или здруженија да се откажат од идеите со коишто би го нарушиле јавниот ред и мир и безбедноста на државата. Никакви ноќни стражи, никакви стражарења, нема потреба од тоа, заради тоа што македонската полиција е тука како гарант на мирот и безбедноста, истакна Спасовски.
Тој потенцираше дека сплотеност и национално единство на македонскиот народ, македонските граѓани е најмногу потребно во овие моменти и тоа е најдоброто оружје со кое ќе ги штитиме нашите национална самосвест, јазик, култура, традиција.
– Ако постои такво единство и ако постои единство кон остварување на стратешките цели, тогаш нема ниту еден човек, поединец или групација која може да ни наштети од надвор, заклучи Спасовски.
Извор: МИА