Антисемитизмот го донесе холокаустот, но не исчезна со холокаустот, ниту пак е поразен. Мораме да ги удвоиме нашите напори да за да се справиме и со тековните предизвици и со заканите коишто се појавуваат. Само преку активна промоција на толеранција и недискриминација можеме да се бориме против антисемитимот, рече денеска претседавачот со ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи во денешното обраќање на Конференција за борбата против антисемитизмот, во рамки на ОБСЕ претседавањето, што се одржува во Скопје, информираше дека следниот месец Северна Македонија одбележува 80 години од депортација од 7.144 евреи од Скопје, Битола и Штип во камповите на смртта во Треблинка.
Како што рече, ниту еден од 3.276 евреи од Битола депортирани во Треблинка не преживеа. Тој посочи дека Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје е еден од малкуте центри од ваков вид што постои во светот.
Според шефот на дипломатијата, само преку активна промоција на толеранција и недискриминација можеме да се бориме против антисемитимот.
„Затоа ова е наш приоритет во текот на претседавањето со ОБСЕ. Ова претставува добра можност да се набројат сите постигања од регинот на ОБСЕ и да дадеме препораки за тоа што треба да преземеме во борбата против антисемитизмот. Антисемитизмот го донесе холокаустот, но не исчезна со холокаустот , ниту пак е поразен. Оваа отровна омраза продолжува да се јавува на нов начин“, потенцираше Османи.
Според Османи, aнтисемитските пораки и холокаустот се користеа како пропаганда во промовирањата и оправдувањата на руската воена агресија во Украина.
Тој е дециден дека се користат и новата технологија, но и социјалните мрежи за ширење на пропаганда и омраза. -Антисемитизмот се појавува и влијае на сите наши општества. Затоа мора да ги интезивираме нашите напори и да го интезивираме одговорот како дел од координирана меѓународна коалиција на засегнатите страни. Справувањето со антисемитизмот е нешто на кое што треба секојдневно да сме посветени и тоа е морална обврска на секого. Се додека во нашите општества не се искористи антисемитизмот никој не е безбеден, додаде Османи.