Двајца мажи и две жени добија 24-часовен притвор поради вандалскиот чин врз македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“ во Благоевград, соопшти локалната полиција. Како што пишуваат бугарските медиуми, тие го признале делото за кое се товарат.
Приведените, како што пренесуваат бугарските медиуми, се на околу 40 годишна возраст и досега немаат криминално досие.
Според нивното сведочење, причината за нападот е тоа што биле гневни поради она што се случи на бугарско-македонската граница на 4 февруари, на денот на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев, пишуваат медиумите.
Стаклото на влезот на македонскиот културен клуб во Благоевград беше искршено со камења вечерта на 4 февруари.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев веднаш го известил својот македонски колега Оливер Спасовски и инсистирал на слични постапки од наша страна.