Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на покана од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во Тиквешкиот регион присуствуваше на традиционално закројување на лозја во атарот на селото Ресава, Општина Кавадарци, а по повод празникот Свети Трифун, заштитникот на лозарите. Настанот беше реализиран во соорганизација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и здружението Тиквешки семејни винарии, а присутните имаа можност да ги посетат штандовите за дегустација на вино произведено од Тиквешките семејни винарии и храна, произведена и подготвена од малите производители на храна-членови на здруженијата Слоуфуд Македонија и Алијанса Премиум.
Во рамки на традиционалното одбележување на манифестацијата „Недела на традицијата Св. Трифун 2023”, на покана на градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, на градскиот плоштад во Демир Капија, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски беше гостин и го посети базарот на вино, ракотворби и производи од традиционални занаети, на кој беа доделени награди и признанија од натпреварите за закројување винова лоза, за најдобра ракија и најдобро вино.
„Во свое и во име на МВР ви го честитам празникот Свети Трифун, со желба за плодна и бериќетна сезона на македонската винова лоза .
На денешниот голем христијански празник Свети Трифун, заштитникот на лозарите и градинарите, започнува кроењето на виновата лоза, традиција која симболично го означува почетокот од новата реколта на производство на грозје.
Посакувам квалитетен и богат род за лозаропроизводителите и квалитетно вино за македонските винарии.
Како Влада продолжуваме со партнерскиот однос со лозарите за поголема конкурентност на македонските вина на светските пазари“, истакна Спасовски.