Законот за данок на солидарност е веќе во собраниска процедура и за предлогот имавме дебата со коморите и партиите, рече заменикот министер за финансии Филип Николоски во гостувањето во ТВ24.
-Самиот назив на данокот вели дека целта е да оние што направија екстра профит во време на криза, кој не доаѓа поради нови инвестиции и циклуси, да покажат солидарност токму кон оние на кои најмногу им е потребно. Тие пари ќе бидат насочени за мерки, за помош на граѓаните кои им е најпотребна во ваква економска и енергетска криза. Околу 200 компании ќе бидат опфатени со законот. Прв услов е да имаат во 2022 година 10 милиони евра промет, односно приходи, а вториот услов е ако профитот е над 20% поголем од просекот на профитот од минатите четири години, ќе се наплаќа данок од 30%. Од овој данок некаде до 70 милиони евра би се собрале. Кога Европската Комисија ни одобри минатата година 80 милиони евра за оваа намена, можеме да покажеме дека и ние можеме вакви средства да идвоиме за солидарност, рече Николоски.
Тој додаде дека законот е изготвен по примерите од Хрватска, Британија и други земји. Плаќањето на данокот се очекува да заврши до мај и важи само за оваа година.
-Ја поминавме широката дебата и ги прифативме дел од коментарите на бизнис секторот, кажа Николоски.