Шестмина македонски ученици учествуваа на Меѓународната олимпијада по природни науки за јуниори, што се одржа колумбискиот град Богота, од кои четворица се закитија со бронзени медали.
Еден од освојувачите на бронзениот медал е петнаесетгодишниот Даниел Христов, ученик во гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип, кој за МИА вели дека само да се биде дел од една таква Меѓународна олимпијада, на која учествуваат негови врсници од цел свет, претставува голема чест.
Неговата приказна повторно ја отвора и темата за тоа колкава е финансиската поддршка на талентираните ученици и од семејството и од државата за учество на вакви натпревари.
Христов го покажа своето знаење и достојно го претстави своето поранешно основно училиште „Димитар Влахов“, како и гимназијата „Славчо Стојменски“, каде што сега е прва година.
– За овој натпревар се спремав неколку месеци, а поинтензивно од септември 2022 година, кога се пласирав на селекционите натпревари. Поинтензивно учев и се спремав во септември, октомври и ноември, одев двапати неделно, секој петок и сабота, од Штип за Скопје на Природно-математичкиот факултет, вели Христов.
Даниел забележува дека на натпреварот во Колумбија имале прашања од повеќе природни науки и тоа од хемија, физика и биологија, додавајќи дека за да се акумулира толкава знаење и податоците од три научни дисциплини сигурно не е лесно.
– Не беше лесно, затоа што имаше многу материјал да се помине, времето беше кратко, како теоретски, така и практично, вели Христов.