Опозициската ДУИ и владејачката коалиција ВЛЕН влегоа во нова жестока политичка пресметка преку меѓусебни соопштенија, разменувајќи тешки обвинувања за третманот на дијаспората, изборниот легитимитет и политичката одговорност.
Според соопштението од ДУИ, владејачката ВЛЕН ја малтретира дијаспората и молчи пред нечовечкото однесување на државните институции. Од опозициската партија посочуваат дека снимките од граничниот премин Табановце, на кои се гледаат иселеници принудени да чекаат во тешки услови и на високи температури, се неприфатливи и загрижувачки. Тие нагласуваат дека луѓето кои со децении ги одржуваат своите семејства и македонската економија, не заслужуваат третман со кој се нарушува нивното човеково достоинство.
„Никој не го оспорува спроведувањето на законот, ниту плаќањето на казната, но тоа не смее да се претвори во нечовечки третман. ВЛЕН е дел од оваа Влада и сноси одговорност за начинот на кој граѓаните се третираат, а нивниот молк е непростлив“, се вели во реакцијата на ДУИ, од каде бараат Министерството за внатрешни работи веднаш да преземе мерки.
На овие прозивки, како и на барањата за предвремени избори, експресно возвратија од коалицијата ВЛЕН. Преку писмено соопштение тие порачаа дека ДУИ ја има изгубено битката со Албанците и дека следните избори само ќе го запечатат нивниот крај.
Од владејачката коалиција ги обвинија политичките опоненти за лицемерие, прашувајќи зошто по поразот на локалните избори никој во ДУИ не понел политичка одговорност. Според ВЛЕН, Али Ахмети продолжил да „продава магла“, Бујар Османи и Бајрам Реџепи ги задржале високите партиски функции и покрај изборните порази во Чаир и Тетово, додека Фатон Ахмети бил дури и награден со нови позиции.
„Муабетите за легитимитет и барањата за предвремени избори им се само за по дома, за да ги држат во кондиција истите фотелјаши и да им продаваат надеж дека уште малку ќе се вратат на власт за повторно да крадат“, истакнуваат од ВЛЕН. Од таму заклучуваат дека на следните избори граѓаните ќе го испратат нереформираното раководство на ДУИ право во политичка пензија.







