Во Министерството за финансии денеска е одржан состанок меѓу министерот за финансии Фатмир Бесими, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министри од повеќе ресори и претставници на Европската комисија.
Состанокот е во рамки на финансиско-економскиот дијалог со ЕУ, во чии рамки се подготвува Програмата за економски реформи и се носат заеднички заклучоци во Советот на ЕУ во мај секоја година.
Тоа е процес, којшто земјава со ЕУ го спроведува во континуитет девет години и во кој се утврдуваат препораки и мерки за остварување на поставените приоритети, а го координира Министерството за финансии.
Во однос на реформите што Министерството за финансии планира да ги преземе оваа година, Бесими посочил дека поради влијанието од кризата, ќе продолжи фискалната поддршка за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите.
– Ќе продолжиме со отпочнатиот процес на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, со истовремено поттикнување на инвестициите со цел поддршка на растот. Имплементација на новиот Закон за буџети, како значајна реформа во јавните финансии, спроведување на пакетот реформи во даночната политика, кој претставува воспоставување современ даночен систем кој се заснова на праведност, правичност, ефикасност и дигитализација на процесите, борба со неформалната економија и слично, нагласил Бесими, посочувајќи и на реформите во финансискиот сектор.