Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ЕУ може да ги здружи силите со воената индустрија за да го зголеми производството на муниција за Украина и да ги обнови сопствените резерви. Таа го спореди овој план со она што го направи Унијата за време на пандемијата кога беше неопходно да се произведат огромни количества вакцини против коронавирусот, пишува Гардијан.
Можеме да разгледаме големи договори кои ќе им овозможат на одбранбените компании да инвестираат во производствени линии за да го забрзаат производството и да ги зголемат количествата што можат да ги испорачаат, истакна Фон дер Лајен на безбедносната конференција во Минхен.
Таа нагласи дека ЕУ не може да чека месеци и години за да ги обнови своите воени резерви или да испрати гранати од голем калибар во Украина.
Сега е време да се зголеми производството на она што и е потребно на Украина, како стандардизирана муниција, објасни Фон дер Лајен.
Испораката на огромни количества муниција во Украина предизвика загриженост кај некои членки на ЕУ дека би можеле да останат без резерви. Собрани во главниот град на Баварија, западните лидери вчера најавија интензивирање на воената помош за Украина, вклучувајќи муниција и оружје, особено тенкови.