Впечаток од овогодишната Минхенска безбедносна конференција е дека регионот се перцепира како стабилен и дека Северна Македонија во моментов е фактор на стабилност во Балканот, како членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ и која претседава со ОБСЕ, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА дадено на маргините на Минхенската бебзедносна конференција.
„Ние сме земја членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ и земја која претседава со ОБСЕ, меѓутоа и држава која што после она што го помина во почетокот, во касните деведесетти и во 2001 година, сме земја што е учесничка во Берлинскиот процес, земја од Отворен Балкан. Тоа се практично организации и процеси кои ја јакнат и ја унапредуваат регионалната соработка, односно слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги и уште еден многу важен фактор, а тоа е дека Северна Мкедонија е депонент на договорите кои што се потпишаа во Берлинскиот процес“, нагласува Ковачевски.
Тој потенцира дека на дискусиите што се водеа во Минхен, земјава беше посочена како пример кој што низ добрососедски односи, низ дипломатски напори успеа да ги реши големите проблеми кои ги имаше и сега да напредува во европските интеграции, откако. претходно стане и земја членка на НАТО.
Ковачевски нагласува дека Конференцијата покажала дека западните земји и членките на НАТО и ЕУ се пообединети од било кога и искажаа недвосмислена поддршка на Украина.
„Таму не се работи само за напад на една држава врз друга држава, туку се работи за напад на посилна врз послаба држава и доколку тоа не се спречи и не и се помогне на Украина може да поттикне други држави, тоа да го направат во светот. Секако дека тоа ќе влијае врз безбедноста на целокупниот демократски свет во кој ние денес живееме“, додава Ковачевски.
Во интервјуто дадено на специјалниот известувач на МИА од Минхен, премиерот Ковачевски говори и за кибер војната и хакерските напади во глобални рамки, но и во земјава, за односите Скопје-Софија, уставните измени, непходните реформи на патот кон ЕУ, поддршката на евроинтегративниоит процес, стабилноста на владиното мнозинство.