Резултатите од Годишниот конкурс на Министерството за култура се секогаш жешка тема, но избегнувам да ги коментирам, вели музичарот Мирко Попов во интервју за „НоваТВ“.
„Незадоволство и незадоволни секогаш ќе постојат, исто како и дискутабилни резултати. Начинот на кој нашата “културна“ јавност “дискутира“ по секој конкурс, особено на социјалните мрежи (со должна почит кон исклучоците), се сведува на пазарско препукување полно со жолч, самоправедност и самовеличие. Нешто што не доликува на луѓе кои треба да бидат културни работници. Особено се дегутантни изблиците на луѓе и организации кои со години (па и децении) добиваат повеќе од солидни средства, па малку подзакинати, предизвикуваат вистински лавини на навреди и омаловажување“, вели Попов.
Тој додава дека без разлика дали ќе добие средства од било кој конкурс каде учествува, гледа да се фокусира на суштината, а тоа е остварување на проектот.
„Енергијата и средствата (колку и да се сиромашни) ми се потребни за резултатот/продуктот, не за креирање негативност наоколу. Во околу две децении колку што конкурирам, најчесто сум одбиван и сум се чувствувал навистина лошо, но никогаш нема да си дозволам да бидам дел од хајка, омраза и неартикулиран ноиз, кој традиционално се развива по објавувањето на резултатите. Постојат регуларни, законски и конструктивни начини на кои може да се канализира било кое незадоволство и предлагам да се држиме до нив. Сигурен сум дека е возможно да има поквалитетни луѓе на чело на комисиите; есенцијално е рапидно да се зголеми буџетот за култура, бидејќи со штедење во културата креираме некултура; очигледно е потребна реинвенција на системот на конкурирање итн. Триесет години самостојно работам во културата и сигурен сум дека посветената работа и реализирање на сопствените проекти се единствениот и најдобар начин за надминување на било каква неправда и секако самореализација“, истакна Попов.