Директорката на Управата за јавни приходи на денешната прес конференција го презентираше највисокиот годишен бруто доход од годишната даночна пријава за 2021 година.
„За календарската 2021 година, Управата за јавни приходи изготви и достави пополнета Годишна даночна пријава за 788 643 граѓани. Овие лица искажале годишен бруто доход од близу 366, 6 милијарди денари во пријавите, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 22, 3 милијарди денари. Во однос на 2020 година, вкупниот приход на граѓаните во 2021 година е за 35,4 милиони повисок, следствено на ова и данокот на личен доход е за 2,7 милиони денари повисок во 2021 година“, – истакна Лукаревска
Управата за јавни приходи Годишните даночни пријави, ги изготвува врз основа на податоците од пресметките за исплата на доход, поднесени од страна на исплатувачите, од пријавите на пресметките кои ги доставиле граѓаните од други физички лица и од странство а врз основа на податоците од годишниот биланс како и паушално утврдениот нето доход од вршење на самостојна дејност. Граѓаните преку корисничките профили на Е-ПДД, можат да ги прегледаат, да ги корегираат и да ги потврдат даночните пријави. Граѓаните кои ниту ги потврдиле, ниту ги корегирале годишните даночни пријави по службена должност УЈП ги потврди.
Согласно анализата, 49.902 граѓани имале бруто-доход над 1 милион денари, додека најголемиот број на граѓани односно 623.690 лица, оствариле бруто-доход кој се движи во прагот од 100 илјади до 1 милион денари. Во однос на 2020 година, во 2021 година зголемен е бројот на граѓани кај врвните прагови, односно, 25 граѓани во 2021 оствариле приход над 100 милиони денари, а 757 граѓани оствариле приходи во прагот од 10 до 100 милиони денари.
На врвот на листата со пријавен годишен бруто доход од 244,2 милиони денари за 2021 година е граѓанин од Скопје, најголем дел од примањата се од плата и дополнителни примања од странство по основ на други лични примања.
И највисоката годишна бруто плата во 2021 година исплатена е кај граѓанин од Скопје. Платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 122,3 милиони денари. На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во дејностите: одгледување свињи, производство на метални производи, болници, трговија со фармацевски производи, управувачки дејности и компјутерско програмирање
Највисокото лично примање по основ на извршена работа изнесува 121,8 милиони денари на годишно ниво, – доходот е остварен во странство.
Граѓанин од Скопје, во 2021 година ја остварил и највисоката капитална добивка во износ од 130,1 милион денари од продажба на сопственички удел, додека највисоката исплатена дивиденда во износ од 203 милиони денари е исплатена на граѓанин на Велес од исплатувач чија дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна пијалаци и тутун.
На врвот на листата за исплата на највисок доход од самостојното вршење на дејност повторно се скопјани, а највисокиот износ е 102,4 милиони денари. Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија, производители на амбалажи од хартија, и од дејностите трговија на мало со делови за моторни возила и малтерисување.
Жител на Ресен со 12,6 милиони денари, остварил највисок доход од продажба на земјоделски производи.
Скопјанец остварил највисок бруто доход од закуп и подзакуп на имот (издавање на земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид на имот) кој изнесува 37 милиони денари од издаваање на деловен простор.
Скопјанец е прворангиран за остварен бруто доход од авторски права и други стварни права во износ од 22 милиони денари. По основ на права од индустриска сопственост исто така е граѓанин на Скопје кој остварил бруто доход во износ 5,5 милиони денари.
По основ игри на среќа на Скопјанец му се исплатени 41,1 милиони денари од Државната лотарија, а второрангираниот кој е исто така од Скопје остварил добивка од игри на среќа главно од обложувалници во износ од 31,3 милиони денари.
Пензионер од Скопје со пријавена странска пензија во износ од 5,8 милиони денари на годишно ниво е Прво-рангираниот во групата пензионери.
Највисок годишен бруто доход по основ на уплатени премии и исплатена осигурана сума во износ од 2,9 милиони денари, остварило лице од Тетово.
Категоријата друг доход вклучува доход од различни извори како што е доходот кој не е конкретно опишан во законот за данокот на личен доход и не е изземен од оданочување, доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад, доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет услуги, износот на неискористената финансиска помош, износот на неискористените донирани финансиски средства, како и кусоци кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди), и не се на трошок на платата на одговорното лице.
Во оваа категорија жител на Тетово пријавил годишен бруто доход од 171,3 милиони денари, тетовчанка е второрангирана со пријавен годишен бруто доход во износ од 155,1 милиони денари исплатени од компании кои работат со мрежни социјални и видео платформи, а скопјанец е на трето место со пријавени 78,5 милиони денари доход од откуп на корисен цврст отпад.
Во категоријата „Најмлад и Највозрасен милионер, Лице кое во 2021 година било на 8 годишна возраст остварило доход 1. 020 508 денари,по основ на семејна пензија а лице на возраст од 96 години остварило доход во износ од 1,2 милиони денари. И кај двете лица најголемиот дел од приходот е остварен по основ на пензија.
Директорката Лукаревска рече дека Годишните даночни пријави се параметар кој даваат една слика за приходите на граѓаните, кои ги оствариле во 2021 година, и истакна дека деновиве ќе започне генерирањето на годишните даночни пријави за 2022 година и апелираше до граѓаните да направат увид дали ги пријавиле приходите со цел оданочување. Кога ќе биде генерирана ГДП, да ја потврдат или ако имаат забелешки да ја коригираат. ,,Во тек е и наплата, односно обврските кои граѓаните можеби не ги платиле до генерирање на Годишната даночна пријава за изминатите години. Апелирам да ги платат обврските со цел да не се доведат во дополнителни трошоци за присилна наплата и блокада. А до оние кои сеуште не се регистрирале на е- ПДД системот, да го сторат тоа со цел да имаат во секое време увид на приходите кои ги оствариле и да може да ја користат апликацијата Мој ДДВ,,- рече Лукаревска.