С. Македонија во иднина ќе размислува за регулирање на социјалните мрежи и нивното користење со цел унапредување на општеството. Ова денеска го истакна премиерот Димитар Ковачевски откако беше запрашан дали нашата земја размислува да ја блокира социјалната мрежа ТикТок, по безбедносните ризици на кои се изложуваат помладите корисници, откако викендов малолетничка од Илинден го изгуби животот од струен удар.
Се повеќе земји во светов започнаа да ја регулираат социјалната мрежа, а истраги за безбедноста на оваа социјална мрежа се водат и во Велика Британија и Канада.
Ова лесно ја покренува темата за безбедноста на младите корисници, па оттаму се поставува прашањето дали земјава треба и смее да ја блокира социјалната мрежа ТикТок и дали ваквата суспензија би била погрешна и правилна?
Според комуникологот и специјалист за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов институциите конечно треба почнат да дејствуваат во оваа сфера.
-Нешто за кое зборуваме веќе цела деценија. Проблем е што со години родителите се оставени сами да се снаоѓаат како знаат и умеат, без притоа надлежните институции да креираат политики и стратегии во овој дел. Бидејќи со поддршката на родителите да ги заштитат своите деца во интернет просторот придобивки има целото општество, вели Кордалов за „Локално“.
За тоа дали Македонија треба да ги гледа примерите од други земји каде можеме да видиме забрана за користење на одредени социјални мрежи и платформи, Кордалов вели дека регулирањето на Интернетот е многу опасна игра.
-Всушност, таа ги дели денес државите дали се демократски или не. Но, кога зборуваме за регулација во согласност со демократските устави, загарантираните слободи и права, особено правото на мислење, став, изразување и слично, тогаш зборуваме за нешто сосема друго. Бидејќи вие да регулирате казнени одредби за некој кој навредува, шири говор на омраза или уценува е унапредување на системот и слободата која ја нуди интернетот. Но, да ограничите пристап до одредена социјална мрежа во целата држава или да забранувате дебата на аргументи е сосема спротивно, посочува соговорникот.