Португалската Католичка црква одлучи да им се извини на жртвите на сексуална злоупотреба извршена врз деца од членови на црквата, а се однесува на најмалку 5.000 од нив.
Ги молиме сите жртви за прошка, сите оние кои храбро сведочеа за злоставувањето по толку години молк, како и оние кои се уште ја носат болката длабоко во срцето и се уште не ја споделиле со никого, изјави претседателот на Португалската бискупска конференција (CEP), бискупот Хозе Орнелас.
Црквата реагираше на извештајот на независната истражна комисија презентиран кон средината на февруари, во кој е изнесена бројка од 4.815 потврдени случаи на сексуална злоупотреба во последните 70 години. Но, веројатно има многу повеќе случаи на злоупотреба од 1950-тите, рече поранешниот шеф на комисијата, Педро Штрехт.
Информацијата беше критикувана од здруженијата на жртвите и католичките верници. „Тоа е чекор назад“, се пожали Хорхе Веманс во интервју за весникот Публико, еден од потписниците на отвореното писмо, по кое беше формирана комисијата.
Немаше „конкретни мерки“ кои ќе овозможат да се избегне злоставување во иднина и да се гарантира помош за жртвите. Бискупите навистина го изразија своето жалење за случаите на злоставување, но недостасува нивната емпатија, коментира весникот.
Лисете Фрадик од португалскиот огранок на католичкото движење за реформи „Ние сме црквата“ истакна дека е „шокирана“ од планот на бискупите да одржат комеморација за жртвите на силување на католичкиот Светски ден на младите на почетокот на август во Лисабон.
Тоа е огромна болка. Да се комбинираат такви два настана, им рече Лисета на новинарите, предупредувајќи дека на тој начин сите жртви ќе мора повторно да го преживеат истото.
Г.Т.