Членството во Европската унија им дава се повеќе „крила“ на јастребите во Бугарија кои, по ветото за Македонија во Брисел, пробуваат својот привилегиран статус да го материјализираат и во однос на другите држави во регионот. Пропагандата што со месеци беше насочена кон Македонија сега се вперува кон Србија, со очигледна намера во некоја фаза од преговорите Бугарија да покажува „мускули“ и на Белград, пишува Независен.
Осилен од случувањата досега, првиот човек на бугарската Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој беше прогласен непожелен и вратен од нашата граница пред чествувањето на годишнината на Гоце Делчев, сега почна да ги пребројува Бугарите во Србија и стигна – до два милиона!
Според мапата што тој ја објави на својот ФБ профил, Бугари живеат речиси на половина од територијата на денешна Србија, вклучувајќи ги Крушевац, Ниш и Бор, при што коментарите на неговите следбеници беа дека Срби всушност има само во Република Српска, бидејќи Војводина е унгарска, а Поморавјето му припаѓа на Бугарија. Дијалектот во Пирот пак се толкува како поблизок јазик до бугарскиот отколку до српскиот, при што Стојанов најавува дека наредните месеци двојно ќе ги засили напорите да ја шири бугарската култура и самосвест во оваа држава.
И тоа не е сѐ. Изминатите недели Стојанов патуваше низ сите држави кандидати за прием во ЕУ од Балканот за да наоѓа, финансира и мотивира Бугари, при што ги посети Македонците во Пустец и другите села околу, некои села во Косово, па и Приштина, а заврши низ градовите во Србија, каде што делел промотивен материјал, литература на бугарски јазик, им плаќал претплата за бугарска телевизија и, како што тврди, уплаќа по 300 евра финансиска поддршка на тие што се чувтствуваат како Бугари во Македонија.