Собранието вечерва на 106-тата седница донесе Закон за дополнување на Законот за лекови и медицински средства и изгласа измени на Законот за здравствено осигурување откако претходно собраниската Комисија за здравство одржа итна седница.
Со дополнувањето на Законот за лекови и медицински средства ќе биде можна директна набавка на лек преку посебни договори меѓу државата и производителот на иновативен лек што го патентирал и кој нема конкуренција на пазарот. Тоа ќе овозможи побрз и поевтин пристап до лекови, главно на оние за ретки болести, како и за специфични и тешки болести.
Дополнувањето на законот е иницирано заради набавка на лекот Трикафта за болните од цистична фиброза, но ќе се применува и за други лекови кои имаат единствен производител.
Сегашната легислатива не дозволува директна набавка туку преку јавни набавки и трговци на лекови што, според предлагачите на законот, дополнително ја зголемуваше цената на лековите.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека се доцни со предлогот и требало и можело многу порано да се случи пред да почине пациент чекајќи го лекот Трикафта.
Рекоа дека ќе го поддржат законот заради болните од ретки болести.
Собранието ги усвои и измените на Законот за здравствено осигурување кој, исто така, е поврзан со лекови за ретки болести и се однесува на комисијата која предлага лекови што се на товар на Фонд за здравствено осигурување.