Во Скопје денеска ќе се одржи 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија со кој ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски.
На состанокот ќе учествуваат и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, како и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.
Состаноците на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу земјава и Европската Унија досега се одржуваа во Брисел, а ова е првпат вакво заседание да се одржи во Скопје, што од македонска страна се оценува како „одличен сигнал сам по себе“.
Според најавите, нa состанокот ќе се разговара за статусот на реформите, напредокот во евроинтеграциите и за билатералните односи во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Покрај учеството на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, предвидено е Борел денеска да се сретне и со шефот на државата Стево Пендаровски, со министерката за одбрана Славјанка Петровска, со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со собраниските потпретседатели, координаторите на пратеничките групи и претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и на собраниската Комисија за европски прашања.