Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
На самиот почеток мора јасно да потенцирам: колумнистичкиот столб или жанр е место за полемика, отвореност на духот и занимавање со идеите заради нив сами, и тоа се работи кои ги почитуваат слободните луѓе. А сега да одиме на темата.
Што преставува името Венко Андоновски во нашите животи? Најпрво, тој човек е познат како книжевник, а потоа и како професор. Писателите како Венко А. ќе речат дека го имаат сликарството, музиката и книжевноста, некои може да речат дека го имаат Шекспир, Толстој, Шилер, Достоевски, Елиот или Бернхард, тоа се оние писатели кои на многу подобар начин ги претставуваат нашите сериозни етички дилеми од, да речеме, митските приказни напишани во светите книги. Духот и – бидејќи нема подобра метафора – душата (за која и Венко А., неретко ја употребува во своите јавни сновиденија) подобро се храни од книжевноста отколку од Светото писмо, да речеме (добро, Венко, не мора да стануваш и аплаудираш на ова, се разбираме, брате мили).
Во последната колумна на Венко Андоновски („О неписменех: Кои сте бре вие“?, Нова Македонија, 22.03.2023), во манирот на селски „пророк“ и „мудрец“ од стар ков (оттука и денешниот десничарски жанр не е ништо друго освен одек и повторување на минатите дискурзивни тралалајки), повремено гласен до лелек, па човек добива впечаток дека сака да се одбрани од сопствената стравична празнина, па така, тој, нашиот национален Венко А., пишувачот на општи места, досадни и лелеави фрази пропратени со едно провинциско заканувачко блебетање кое го имате уште во самиот наслов од неговиот текст, „О неписменех: Кои сте бре вие“: прво, овој наслов има двојно значење – да се закани, а потоа и да ја опише својата гигантска нарцисоидност која може да се исчитува и како, „Знаете ли бре вие кој сум јас“?
Оваа реченица „Кои сте бре вие“, за мене претставува најбудалестата и најтоксичната реченица изговорена на македонски јазик. Прво, будалеста е затоа што прашаните одлично знаат кој е тој. А, ако не беше така поставено прашањето, тогаш ќе беше понижен оној што прашува. Затоа што тоа прашање, всушност го поставува прашањето „Знаете ли бре вие кој сум јас“?, поточно, Венко А. не прашува: знаете ли бре вие што сè влегува во целината од моето Јас? И тука, почитувани читатели, влегуваме во сферата на филозофското прашање, како што будалесто го поставува и самиот Венко А.
Кога Венко А. го поставува прашањето „Кои сте бре вие“, тој не мисли дури ни на себе како граѓанин, писател, професор, маж, сопруг или „најценет писател на нацијата“ и Македонците, туку мисли на полицијата, правната држава, факултетите, јазикот, животот, смртта, љубовта. И наеднаш таквата реченица станува смртно сериозна закана, што во некоја смисла, тој себе си наметнува „дупли авторитет“, затоа што неговото аздисано и нарцисоидно Јас, почнува опсесивно да ја окупира цела македонска територија.
Наеднаш може да ви се пристори дека сè што вас ве опкружува е практично Венковото Јас. На пример, мојот Сникерс што во моментот го мљацкам в уста додека пишувам, мојот часовник, мојот компјутер, мојот точак, моите слушалки на кои свири Gary Moore со „Still Got the Blues“, сè ова не е мое, туку е на Венкота.
Имено, да бидам јасен. Текстот на Венко А. е тривијален, неговиот дискурс во прашањето „Кои сте бре вие“ е прашање на пазар, текстот е намера за да се продаде на „вмровска“ берза, а не e прашање на дух. Венко А. учествува во јавниот живот така што низ својата аздисана природа создава симболички капитал. Медиумот како „Нова Македонија“ работи на „вмровска берза“, па со тек на време или се зголемува или се намалува. Како и самата информација, а симболичкиот капитал, на овој или оној начин, се трансформира во пари. Идејата на слободните медиуми е идеја на слободниот „вмровски“ пазар. И текстот на Венко А. и медиумите кои играат за „вмровската“ публика е прашање на идеологија. И едното и другото во реалниот свет не постојат. Медиумот за кој Венко А. пишува ги остварува интересите на газдата. Таквите интереси се преплетуваат со други сопственички структури и политички групации, така што создаваат мрежи од интересџиски групи. Да се објавува во весник, значи да се служи на некоја мрежа на моќта.
Секоја вистина, без разлика колку е скриена и опасна, секоја вистина која можеш да ја соопштиш е вистина која е на штета на некој и во корист на некој друг, која, всушност, крие уште поодвратна вистина за себе – оттука се работи за делимична вистина. Оттука и не е вистина. Потегот на Венко А. е ништо друго освен „скок на пиунот“: кренат си и спуштен назад во полето, па таму ја продолжуваш својата мизерна игра „борец за вистината“ за која, итекако, ќе бидеш платен, можеби ќе добиеш и „општествено признание“. Ќе бидеш херој на играта во која „Нова Македонија“ ќе го поседува симболичкиот капитал на интересџиските групи кои стојат позади и го рушат симболичкиот капитал на конкурентот. Ова е критика за големите и влијателни медиуми, а медиумот на Венко А. е еден од тие. Ова не е критика за помалите медиуми кои се борат за вистина и правда.
На крајот, Венко А. не е добар писател, уште помалку е добар човек. А јас мислам дека сите ние треба да тежнееме кон подобри наративи од светот на Венко. Јеби га, има човекот гигантско его, а тоа негово его од него создава меланхоличен човек, аздисан и неверојатно претенциозен. Елитата на ВМРО-ДПМНЕ, реално, на која и Венко А. припаѓа, е меланхолична елита, конфузна и страшно претенциозна. Погледајте ги нивните лица, нивните намрштени фаци, обидете се да ја разберете нивната мака, па можеби тогаш ќе разбереме што може да биде со сите нас ако не ги послушаме нив кои ни велат, „Знаете ли што ќе биде со вас ако ние станеме власт“?
Венко А. е проточен бојлер, трубадур и „телал“ на ВМРО, ма што и да значи ова последново.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.