Има шанси да се случат уставните измени и треба оваа година да му се посветиме на ова прашање затоа што имаме неповторлива прилика, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во ТВ21.
„Секогаш сме имале, да речам, дилема околу тајмингот, дали можеби ако чекаме ќе дојде некое подобро време, ќе дојдат подобри услови, ќе имаме шанса повторно да го допреговаме договорот, меѓутоа еве и овие денови австрискиот претседател имаше обраќање во Собранието, каде што јасно и експлицитно кажа дека не треба да се надеваме на повторно преговарање на овој предлог. Треба да ги искористиме можностите коишто ни ги дава за приклучувањето кон Европската Унија. Јас сум убеден дека ќе има и желба и начин и одговорност, нема да биде воопшто лесно и едноставно, меѓутоа секоја политичка партија и секој пратеник во Собранието ќе треба да се соочи со одлуката дали блокадата ќе си ја наметнеме сами на себе, или ќе продолжиме понатаму во фазата на преговори поврзана со отворањето на поглавјата затоа што ќе бидеме подготвени до крајот на оваа година да ги отпочнеме преговорите“, кажа Маричиќ.
Тој додаде дека за процесот за пристапување кон ЕУ клучна е политичката волја.
„Тоа што можеби ние пред петнаесет години, кога сме ја добиле првата препорака не сме можеле да знаеме и да предвидиме колку ќе биде тежок процесот, и колку многу одрекувања ќе ни следуваат, вклучувајќи ги и билатералните прашања, тоа е да речам, друго прашање. Ние веќе имаме доволно искуство за да знаеме дека чекањето не ни носи подобра позиција, одлагањето на прашањата и проблемите не ни ја подобрува позицијата, повеќе од десет години се обидовме да исчезне, од ветото 2008, десет години се обидувавме да го заобиколиме или да исчезне проблемот со Грција. Не исчезна, го решивме по десет години, веројатно под потешки услови отколку што би го решиле 2008 година“, истакна вицепремиерот.