Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, синоќа на Твитер напиша дека Европската унија (ЕУ) го осудува затворањето на американскиот новинар Еван Гершкович во Русија под обвинение за шпионажа.
„Новинарите треба да можат слободно да ја вршат својата професија и заслужуваат да бидат заштитени. Руските власти уште еднаш го покажуваат своето систематско непочитување на слободата на медиумите“, напиша Борел.
Руската безбедносна служба (ФСБ) вчера соопштија дека е уапсен дописник на американскиот весник „Вол Стрит Журнал“ под сомнение за шпионажа во корист на Вашингтон.
Според извештаите, ФСБ ги разоткрила „незаконските активности“ на Еван Гершкович, акредитиран дописник на американскиот весник, кој работел во московската редакција.