Русија го презеде претседавањето со Советот за безбедност на ОН и покрај апелот на Украина до членките да го блокираат руското преземање, пишува денеска Би Би Си. Секоја од 15-те членки на Советот за безбедност на ОН го презема претседавањето на еден месец на ротирачка основа. Кога Русија последен пат претседаваше со Советот за безбедност, во февруари 2022 година, започна инвазијата врз Украина.
Тоа значи дека Советот за безбедност е предводен од земја, за чиј претседател е распишана меѓународна потерница за извршени воени злосторства. Меѓународниот кривичен суд, кој не е институција на ОН, минатиот месец издаде налог за апсење на Владимир Путин. И покрај приговорите на Украина, САД порачаа дека нема да ја блокираат Русија, постојана членка на Советот за безбедност, да го преземе претседателството.
Постојани членки на Советот за безбедност се САД, Велика Британија, Франција, Кина и Русија. Функцијата е главно процедурална, но рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, изјави дека планира да одржи неколку дискусии, вклучително и една за контрола на оружјето. Тој истакна дека ќе се разговара за „новиот светски поредок“ што ќе го „замени униполарниот“, објави Би Би Си.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба оцени дека руското претседавање е „најлошата првоаприлска шега досега“ и „силен потсетник дека нешто не е во ред со начинот на кој функционира меѓународната безбедносна архитектура“.
Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак рече дека ова е „уште едно силување на меѓународното право… Ентитет кој води агресивна војна, ги крши нормите на хуманитарното и меѓународното право, ги уништува повелбите на ОН, ја негира нуклеарната безбедност, не може да го предводи клучното светско безбедносно тело“.
Претседателот Володимир Зеленски минатата година изјави дека Советот за безбедност треба да се реформира или распушти, обвинувајќи го телото дека не презема доволно чекори за спречување на руската инвазија. Тој повика и на исфрлање на Русија од Советот за безбедност.
Г. Т.